Германската новинарка Јанина Финдајсен се породи во заробеништво во Сирија

Германската новинарка Јанина Финдајсен првпат јавно зборуваше за околностите под кои самоиницијативно отпатува во воена зона кога беше во седмиот месец на бременост, односно за породувањето во заробеништво и за начинот на кој го преживеа мачниот период од безмалку една година помината без слобода, откако беше киднапирана во Сирија, пренесува британски „Гардијан“. Во интервју за германски „Зидојче цајтунг“, таа открива дека киднаперите биле подготвени да „ја обезглават пред камера“, но наместо тоа, ѝ угодувале давајќи ѝ чоколадо, играчки и скапи пелени за нејзиното бебе. 

Германката отпатувала во Сирија во 2016 година за да сними документарен филм за школски другар кој се приклучил на поранешната фракција на Ал каеда, Џабат ал Нусра. Новинарката посочува дека бременоста ја поттикнала да се нафати за работата, наместо да биде посвесна за ризикот. 

– Се чувствував под притисок, особено поради бременоста. Сакав да раскажам уште една приказна пред да направам повеќемесечна пауза по породувањето. Не бев свесна дека во тој момент ја правам најголемата грешка во животот – објаснува Финдајсен.

Таа отпатувала во Сирија преку Турција со помош на човек што криумчарел луѓе, споделувајќи ги нејзините планови единствено со таткото на нејзиното дете, без да понесе ГПС-уред, ниту мобилен телефон со себе. Нејзиниот пријател ѝ ветил безбедност, но таа и возачот биле заробени кога се враќале накај Турција.

– Првата вечер навистина верував дека безбедносната гаранција од мојот пријател значеше дека ќе бидам ослободена. Но набргу сфатив дека моите надежи биле неосновани – вели Финдајсен, чија книга „Мојата соба во куќата на војната“ ќе биде објавена во Германија идниот месец.

Таа се соочила со непријатни ситуации во текот на заробеништвото.

– Имаше неколку непријатни ситуации, но поминав релативно добро. Но, беше јасно дека тоа не се фини, хумани луѓе. Тие ќе ми ја отсечеа главата пред камера. До самиот крај верував дека ќе се вратам во Германија за породувањето. Беше незамисливо дека ќе се породам во Сирија. Ја игнорирав реалноста, додека веќе не можеше да се игнорира – посочува новинарката која водела дневник додека била заробена. 

Нејзините киднапери уцениле локален доктор да ја породи Германката. А по породувањето, кое поминало без потешкотии, односот на џихадистите кон Финдајсен се сменил. 

– Со мало дете бев уште побеспомошна. Кога мојот син ќе се разбудеше во текот на ноќта, тие следното утро ме прашуваа што се случило – открива Германката, додавајќи дека киднаперите ѝ давале чоколадо, скапи пелени и играчи за бебето.

Финдајсен, сепак, била ослободена од друга исламистичка група, чии припадници одлучиле да ја вратат во Германија откако шеријатски суд одлучил дека нејзиното кидапирање било против верувањата во исламот, откако нејзиниот пријател ѝ гарантирал безбедност. 

– Добив втора шанса, што не може да се каже за секој што бил кидапиран во Сирија – заклучува Финдајсен, која напоменува дека не и е познато оти германската влада го платила откупот од пет милиони евра што киднаперите го барале за нејзина слобода.