ЕУ е соочена со најважните парламентарни избори во својата историја, а резултатите од нив би можеле да ја поткопаат целата унија, да предизвикаат парализа и непоправлива штета во годините што доаѓаат, предупредува влијателниот Европски совет за надворешни работи.

Во опсежна анализа, насловена „Европски избори 2019-та: како антиевропејците планираат да ја уништат Европа и што може да се стори за да се запрат“, Советот нагласува дека т.н. антиевропски партии се на пат да освојат повеќе од една третина од пратеничките места во Европскиот парламент на изборите во мај. Неговите аналитичари нагласуваат дека меѓу евроскептиците постојат значителни разлики, но дека тие може да се здружат тактички за да поддржат разни идеи. На пример, евроскептиците би можеле да направат сојуз за да ги укинат санкциите против Русија, да ја блокираат трговската агенда на ЕУ или каква било заедничка иницијатива во врска со мигрантската криза. Според нив, сето ова уште повеќе ќе ги ослабне капацитетите на ЕУ да ги брани своите граѓани од надворешни закани токму во време кога беснее глобална криза и кога се потребни порешително раководство и поголема соработка меѓу членките.

Аналитичарите на Европскиот совет сметаат дека е потребна заедничка стратегија за да се поделат и ослабат евроскептичните партии, но и за да се демаскираа нивната агенда, односно да им се објасни на гласачите зошто се штетни нивните ставови во пресрет на европските избори во мај.