Подолг период американската држава се соочува со голем број економско-политички ризици, кои се однесуваат на новите најави за задолжување на САД. Во своите опсервации на состојбите, видните домашни и странски аналитичари посочуваат дека се мали шансите Америка, како една од најмоќните економии во светот, да се соочи со банкрот во скоро време, а со тоа да го втурне и остатокот од светот во економска криза

Анализа за економските ризици што им се закануваат на САД

Можно ли е Америка да доживее финансиски и економски колапс, а со тоа верижно да предизвика и економска криза во остатокот на светот, доколку Конгресот во наредните денови не одобри ново задолжување на земјата.
Ова е дилемата што е во фокусот на пишувањата на светските медиуми, откако слабото менаџирање на финансискиот сектор на администрацијата на Џо Бајден, но и блокадата од републиканците за ново задолжување на САД, сериозно им се заканува на американската економија и демократија.
За ова неодамна предупреди дури и американската министерка за финансии Џенет Јелен. Таа во изјави за американските медиуми истакна дека е можно САД да бидат погодени од економска катастрофа, доколку федералната влада не го подигне лимитот на долгот нагоре.
– За неколку дена, милиони Американци би можеле да останат без пари. Би можеле да видиме неограничени доцнења во критичните плаќања и речиси 50 милиони постари лица може да престанат да примаат чекови за социјално осигурување за некое време. Милиони семејства што се потпираат на месечни даночни олеснувања за децата може да доживеат одложувања. Накратко, Америка нема да ги исполни своите обврски – предупреди министерката.
Слично како и министерката за финансии Јелен и претседателот Бајден истакна дека е неодговорно од републиканците да се блокираат финансиите во земјата. Според Бајден, доколку истече рокот за подигнување на лимитот за новото задолжување на САД, кој истекува на 18 октомври, би можело Америка да биде погодена од „економски метеор“.

Републиканците со „кочница“ за ново задолжување

Според анализата на „Си-ен-ен“ за оваа тема, проблемот настанал кога републиканците пред две недели во Сенатот го блокираа предлог-законот за финансирање на Владата и суспендирање на постојниот лимит за задолжување во САД. Како што наведува телевизијата, републиканците се спротивставиле на донесувањето на законот, кој претходно бил одобрен од Претставничкиот дом, бидејќи во него имало одредба во која не се наведувало чија ќе биде одговорноста за новото задолжување на земјата.
Со тоа, како што пренесуваат американските медиуми, работата на Владата може да биде блокирана доколку пратениците не го одобрат новото финансирање или не го усвојат законот. Доколку се случи тоа, односно остане „кочницата“ од републиканците, единствениот спас за излез од ситуацијата, демократите засега го гледаат во активирањето на амандманот 14 од американскиот устав. Според амандманот, Уставот на САД му дозволува на претседателот сам да одлучи за новите задолжувања на земјата. Чекор што, според тамошните експерти, е опасен и во исто време може да донесе уште поголеми внатрешнополитички поделби на земјата.

Аналитичарите со свои ставови околу кризата

Светските аналитичари и домашните експерти, кои ги следат состојбите во САД, посочуваат дека се мали шансите најголемата економска сила во светот да доживее економска криза или, пак, банкрот доколку Конгресот овие денови не се договори за новото задолжување на земјата, кое го бара администрацијата на Бајден.
Вилијам Х. Бајтер, професор од Универзитетот во Колумбија, за американските медиуми вели дека во моментов се позајмуваат повеќе од 20 центи за секој долар што се троши, па Одделот за финансии нема да може да ги намири долговите кон кредиторите и граѓаните доколку не се изгласа новото кревање на лимитот за задолжување.
– Доколку не се реши состојбата, ова би предизвикало шок низ глобалните финансиски пазари. Намалувањето на домашните трошоци би ја вовело американската економија во рецесија, бидејќи Владата нема да може да исплати сѐ – од бенефиции за социјално осигурување за стари лица до плати на војниците. Накратко речено, доколку не се изнајде решение во Конгресот, Америка хипотетички би се втурнала во економска криза, а со тоа би го повлекла и светот со неа. Сепак, малку е веројатно да се случи тоа, бидејќи и во минатото сме имале слични блокирања на финансиите во Конгресот, каде што по неколку месеци натегања состојбите се решавале со компромис – вели професорот Бајтер.
Од друга страна, домашните познавачи на американската политика се децидни дека САД ќе ја надминат внатрешната политичка криза, а глобалната сцена нема да почувствува никакви економски реперкусии од случувањата таму.
Поранешниот вицепремиер за европски прашања и амбасадор Ивица Боцевски смета дека на САД нема да им се случи банкрот, а уште помалку финансиска криза.
– Лично мислам дека сценарио во кое САД би биле пред економски банкрот не може да се случи. Мојот став го темелам на повеќе факти, а еден од нив е и тактиката на републиканците, која сега ја спроведуваат токму со кочењето на Конгресот, сѐ со цел да дојдат до подобра позиција околу договорот за новиот економски пакет за справување со пандемијата, кој се очекува да го донесе земјата. Оттука, нивните тактизирања единствено ја подгреваат тамошната политичка сцена, но не треба и светската. Конкретно очекувам дека проблемот меѓу конгресмените ќе се надмине, а играта ќе заврши без банкрот на САД, бидејќи досега вакво нешто не се ни случило – заклучува Боцевски.