Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, изјави дека во моментов е пооптимистичен дека може да се склучи нов договор за брегзит, по средбите со лидерите на ЕУ во последните неколку дена.

Тој призна дека задачата е тешка и дека договорот може да дојде на самиот крај од процесот.

Говорејќи на самитот Г7 во Бијариц, Франција, британскиот премиер во неколку наврати одби да ја исклучи суспензијата на парламентот со цел да се присили брегзит без договор, доколку не е можен договор со Брисел, објави синоќа „Политико“.

На завршната прес-конференција на својот прв меѓународен самит, новиот британски премиер рече дека шансите за договор зависат исклучиво од ЕУ и тоа дали блокот е подготвен да го отстрани планот „бекстоп“ за Северна Ирска од договорот за брегзит.

Со овој аранжман во договорот со ЕУ се предвидува Велика Британија по истапувањето од ЕУ да остане дел од заедничката царинска унија со Унијата сѐ додека не се најде решение за проблемот со границата меѓу ЕУ-членката Ирска и Северна Ирска која ѝ припаѓа на Велика Британија.

За ваквото решение Џонсон смета дека е недемократско.

– Мислам дека ЕУ обично постигнува договор токму на крајот, тоа е она што го забележав при моето анализирање на преговорите во Брисел – рече тој, додавајќи дека брегзит нема да се случи пред 31 октомври, што е законски рок за Велика Британија да излезе од ЕУ.

Британскиот премиер нагласи дека земјата до тогаш ќе биде апсолутно, колосално, обемно и фантастично подготовена за брегзит без договор.