Поранешниот хотел и казино „Трамп плаза“ во Атлантик Сити што беше затворен уште од 2014 година, сега премина во рацете на милијардерскиот инвеститор и поранешен поддржувач на Трамп, Карл Ајкан. Комплексот со години се распаѓаше и беше толку руиниран што буквално парчиња малтер и фасада паѓаа долу на улицата. Ајкан го откупи хотелскиот комплекс „Трамп плаза“ по банкротот во 2016 година, а објектот требаше да се урне на крајот од јануари годинава. Уривањето се одложи за 17 февруари, но сè уште не е јасно што ќе се гради на неговото место.
Инаку, Доналд Трамп ја отвори „Трамп плаза“ во 1984 година и беше едно од трите казина во Атлантик Сити што го носеа неговото име. Во екот на бизнисот, во неговите коцкарници беа вработени 8.000 граѓани и вклучуваа една третина од вкупните приходи од коцкарскиот бизнис во таа област. „Трамп плаза“ беше главен центар на забавата во Атлантик Сити, каде што честопати се организираа боречки турнири и боксерските мечеви на Мајк Тајсон. Објектот се затвори во 2014 година, откако бизнисот пропадна поради големите долгови, новата конкуренција и негативните критики во медиумите што укажуваа дека бизнисите на Трамп се поврзани со перење пари.