Секогаш кога Европа одржува конференција посветена на Либија, чувството е исто – Европејците се повеќе заинтересирани за процесот на доведување на засегнатите страни на разговори, отколку за резултатот. А нејасно е дали разговорите ќе доведат до некакво решение што ќе го сопре насилството во Либија, пишува „Нешнл интерест“.

Неодамнешната конференција во Берлин не се разликуваше во голема мера од другите европски состаноци во изминатите неколку години, како оние во Париз или во Палермо. Но сепак, имаше една значителна разлика – на оваа конференција, предвидениот состанок помеѓу двете страни, владата на премиерот Фајез ал Сараж и одметнатиот генерал Халифа Хафтар, воопшто не се случи. 

Пред 4 април, можеби постоеше шанса да дојде до одредени разговори, но по започнатата офанзива на Хафтар за преземање на контрола врз државата, опцијата за посредување по секоја цена пропадна.

Примирјето секогаш е добро решение за избегнување на продлабочувањето на кризата. Но, продолжувањето на борбите по конференцијата покажува дека примирјето без механизам за казнување на оние што го прекршуваат е осудено на пропаст. Нападите на силите на Хафар и одговорот на Турција во изминатите неколку дена покажуваат дека кризата се влошува.

Хафтар ќе одбие каков било предлог што ги вклучува претставниците на кабинетот на Фајез ал Сараж во составувањето на новата влада. А постои проблем кој беше ставен на маса и во Берлин. Хафтар преку неговите дела и зборови покажа оти има цел да ги продолжи воените операции се додека не ја оствари целта. Тој има амбиции да ја контролира Либија и нема да сопре. Хафтар го согледува договорот за поделба на моќта како чекор кон преземање на контрола врз државата и нејзините ресурси. Ако не успее да го стори тоа на политички план, тогаш тој ќе ги продолжи воените операции се додека неговите странски сојузници му пружаат воена поддршка. 

Со оглед на ваквата ситуација, САД и ЕУ се соочуваат со тешка дилема – тие би можеле да ги игнорираат насилството и амбициите на Хафтар или одлучно да застанат на страна на владата во Триполи. Остварливоста на политичко решение во Либија зависи од исходот на битките околу Триполи. Единственото друго решение е изнаоѓање на начин од страна на меѓународната заедница да ги притисне странските сојузници на Хафтар за да ја прекинат поддршката и да го принудат одметнатиот генерал да ги повлече неговите сили, односно да прифати условите на договорот за прекин на војната.