Амбасадорите на земјите членки на ЕУ денеска дадоа зелено светло за нови правила против злоупотребата на личните податоци на граѓаните во политички цели, јави дописничката на МИА во Брисел.

Европските политички партии и фондации кои ќе се обидуваат да влијаат врз исходот на изборите за Европскиот Парламент во мај преку злоупотреба на личните податоци на граѓаните ќе можат да бидат финансиски казнети, потврдија земјите членки денеска.

-Злоупотребата на личните податоци за да се влијае врз изборите не смее да се дозволи, ова е суштински за изборните процеси и иднината на нашите демократии, изјави романскиот министер за европски прашања, Георг Сиамба.

Конкретно, се воведува процедура на верификација за да се утврди дали некоја европска политичка партија или фондација ги прекршила правилата на регулативата на ЕУ за заштита на податоците (ГДПР) во контекст на изборите за ЕП во мај. Казните ќе ги изрекува телото задолжено за европските политички партии и фондации, откако ќе добие мислење на комитет на независни експерти.

Казните ќе одат до пет отсто од вкупниот годишен буџет на европската политичка партија или фондација. Притоа, партијата и фондацијата би можела да добие забрана за фондови од буџетот на ЕУ следната година, соопшти Советот на ЕУ денеска.

Европските политички партии се политички здруженија кои ги покриваат сите сестрински партии регистрирани согласно правото на ЕУ. Речиси сите европски политички партии имаат своја фондација која им е идеолошки блиска. И едните и другите имаат во принцип право на европско финансирање.

Во 2018, десет европски политички партии и десет фондации добиле фондови од буџетот на ЕУ.

Мерката е дел од обидите на ЕУ да се заштити од дезинформации и лажни вести.