Шефот на криминалната организација Јакуза осуден смртна казна

Јапонскиот суд осуди на смрт шефот на криминалната организација Јакуза, откако беше пресудено дека тој стои зад нарачување на едно убиство, како и на три други напади, пренесуваат светските медиуми.

Сатору Номура, 74-годишниот шеф на криминалниот синдикат „Кудо-каи“, кој оперира во југозападна Јапонија, ги негираше обвиненијата. Јапонските медиуми наведуваат дека пресудата не е заснована на докази што можат да го поврзат Номура директно со злосторствата.

– Побарав фер судење. Вие ќе се каете за оваа одлука до крајот на вашиот живот – му рекол Номура на судијата откако пресудата била донесена.

Јакузите долго време се толерираат во Јапонија, како нужно зло кое го одржува редот на улиците во криминалното подземје. Но, изминативе неколку децении кои донесоа построги регулативи против криминалните банди, како и социјалната нетолеранција и слабата економија, придонесоа за намалување на бројот на јакузите.

Номура е обвинет за убиството на поранешен шеф на рибарска кооперација во 1998 година, кој имал влијание врз градежни проекти на одредено пристаниште. Тој исто така стои зад нападот од 2013 година врз роднина на убиениот шеф, како и напад со нож во 2013 година против медицинска сестра, во клиника каде што тој побарал медицинска помош. Пукањето врз поранешен полицаец кој ја истражуваше „Кудо-каи“ во 2012 година, исто така му се припишува на Номура.

Заменикот на Номура, Фумио Тануе, ги одобрувал нападите. Тануе беше осуден на доживотен затвор. Тој исто така ги негираше обвинувањата.

Јапонија е една од ретките развиени земји каде што сѐ уште е задржана смртната казна. И покрај меѓународните критики, јавната поддршка за овој вид казна во Јапонија останува силна.