Ирански претставници се заканија дека постои можност да завземат британски танкер со нафта доколку нивниот танкер не биде ослободен, пренесува Би-би-си.

Британските маринци вчера помогнаа на Гибралтар да го завземат танкерот „Грејс 1“ откако се појави сомнение дека тој носи нафта од Иран за Сирија, споротивно на санкциите на Европската Унија.

Судот во Гибралтар пресуди дека иранскиот брод може да биде заробен уште 14 денови, наместо одредените 72 часа. Поради тоа, Иран ги повика амбасадорите на Велика Британија во Техеран и го изјави револтот. 

– Доколку Велика Британија не го ослободи иранскиот танкер со нафта, тогаш наша задача е да завземеме еден од нивните танкери – е ставот на Иран. 

Иранското Министерство за надворешни работи го осуди запленувањето на нивниот танкер како незаконско и ги обвинија Велика Британија дека делуваат по наредба на САД. Според информации на Би-би-си, иако акцијата за запленувањето на танкерот е спроведена од страна на Владата на Гибралтар, се чини дека првичните разузнувачки информации потекнуваат од САД.

Овие превирања се случуваат во период кога односите помеѓу САД и Иран се влошени и постои шанса тензиите дополнително да ескалираат. Администрацијата на Трам се повлече од меѓународниот договор за нуклеарната програма на Техеран, истовремено наметнувајќи казнени мерки и санкции врз Иран. 

Дополнително, односите помеѓу Велика Британија и Иран исто така се влошија откако Велика Британија цврсто го обвини Иран дека стои зад нападите на двата танкери кои се случија во јуни. 

Дали сето ова ќе создаде услови за нова танкерска војна со нафта, останува допрва да се види.