Францускиот претседател повеќепати повтори дека нема да попушти пред уличните протести и дека нема да биде заплашен за да се откаже од својот пробизнис-проект за трансформирање на Франција и за извлекување на земјата од повеќедецениската масовна невработеност и од бавниот економски раст. Сепак, за да го намали гневот на улиците, Макрон мора да понуди конкретни решенија за политичките разочарувања на жолтите елеци, оценува „Гардијан“

Бранот насилни протести и демонстрации, организирани од движењето „Жолти елеци“, се најголемиот предизвик за францускиот претседател Емануел Макрон, откако стапи на функцијата пред 18 месеци. Протестите на жолтите елеци почнаа како гнев на граѓаните против поскапувањето на горивото, а набргу се претворија во движење против Макрон. Францускиот претседател повеќепати повтори дека нема да попушти пред уличните протести и дека нема да биде заплашен за да се откаже од својот пробизнис-проект за трансформирање на Франција и за извлекување на земјата од повеќедецениската масовна невработеност и од бавниот економски раст. Сепак, за да го намали гневот на улиците, Макрон мора да понуди конкретни решенија за политичките разочарувања на жолтите елеци, оценува „Гардијан“.

Најновите информации говорат дека Макрон му дал инструкции на премиерот Едуар Филип за да разговара со „легитимните протестни групи“, по најголемото насилство на улиците во центарот на Париз по демонстрациите во 1968 година. Француската, но и светската јавност беа шокирани од насилството што еруптира помеѓу демонстрантите и полицијата во француската престолнина. Во текот на изминатиот викенд беа ранети над сто лица, меѓу кои и повеќе од 20 полицајци, а беа запалени и стотици автомобили и барикади. Според француската полиција, маскирани демонстранти запалиле и неколку згради и објекти во центарот на Париз.

Претседателот Макрон е под голем притисок да ги ислуша и исполни барањата на демонстрантите од движењето „Жолти елеци“. Според „Гардијан“, за него станува сѐ потешко да се претстави на светската сцена како прогресивен шампион, кој ќе ја предводи борбата против популизмот и национализмот, ако во исто време горат барикади и демонстрантите во Париз ја отфрлаат неговата влада како арогантна елита. Тешкотијата на Макрон е тоа што тој беше „фатен“ неподготвен кога демонстрациите почнаа спонтано на патиштата и обиколниците низ Франција пред повеќе од две недели, без зад нив да стојат лидери, трговски синдикати или политички партии. Владата не успеа да го предвиди овој спорадичен, граѓански револт против акцизите за горивото. Но овие ненадејни бунтови против поскапувањето на горивото може да бидат опасна точка на вриење, по што ќе биде многу тешко да стивне гневот на народот. Тоа посебно важи во земји како Франција, кои имаат високи даноци и систем на голема јавна потрошувачка.

Кога во саботата илјадници маскирани демонстранти водеа улични битки со полицијата во Париз, палејќи автомобили и подметнувајќи пожари на едни од најскапите париски улици, Владата ги окарактеризира како екстремнодесничарски и левичарски „професионални вандали“, кои се инфилтрирале во мировните протести на жолтите елеци. Но јасно е дека единствената надеж на Макрон да го смири протестното движење е решавање на нивните проблеми, кои сега варираат од лошите животни стандарди и неправедните даноци па до недовербата во политичкиот систем и парламентот. Истовремено, круцијално е тоа што движењето ја има поддршката на поголемиот дел од француската јавност. Резултатите од најновите анкети покажуваат дека дури 80 отсто од Французите ги поддржуваат жолтите елеци. Покрај тоа, половина од француските граѓани сметаат дека тие нема да имаат лична корист од реформите на Макрон. Многумина чувствуваат дека даночната политика е во корист на богатите.

Оваа криза е посебно акутна за Макрон бидејќи предупредувачките знаци беа присутни уште на ланските претседателски избори, на кои тој ја победи десничарката Марин Ле Пен. Изборите беа одбележани со високо ниво на апстиненција, незадоволство од политичката класа, како и чувство на неправедност и нееднаквост во однос на политичката елита, која се смета дека е отсечена од секојдневниот работен народ. Ваквите чувства воопшто не исчезнаа.

За да победи на претседателските избори, Макрон формира сопствено движење, засновано врз ветувањето дека „ќе го слушне“ народот и ќе ги идентификува потребите на нацијата. Во меѓувреме, француската влада, која не успеа да понуди јасни и конкретни решенија и се мачи да идентификува претставник на жолтите елеци со кого ќе може да разговара, е под најголем притисок досега да даде одговори за да го намали гневот на улиците, заклучува „Гардијан“.


На Триумфалната порта причинета штета и до милион евра

Учесниците на протестот на „Жолтите елеци“ во Париз во саботата предизвикале штета на Триумфалната порта што се проценува на повеќе стотици илјади, можеби дури и милион евра, изјави претседателот на францускиот Центар за национални споменици, Филип Белавал.
– Покрај тоа што демонстрантите го оштетија споменикот и национален симбол на Франција со графити, ја уништиле и неговата внатрешност, каде што се наоѓаат вредни експонати – додаде Белавал.