Иран составува тим за пронаоѓање на одговорните за атентатот на нуклеарниот научник

Иранските власти ветија дека ќе ги најдат и ќе ги казнат одговорните за убиството на еден од врвните ирански нуклеарни научници, Мохсен Фахризаде, кој беше погребан вчера, по минатонеделниот атентат врз него, пишува „Њујорк тајмс“.

Иранскиот министер за одбрана вети дека ќе ги пронајде и казни одговорните за убиството, додека друг претставник на властите се јави со верзија на нападот која значително се разликува од првичните извештаи во иранските државни медиуми.

 – Ќе ги бркаме криминалците до крајот – кажа иранскиот министер за одбрана Амир Хатами, порачувајќи дека државата ќе ги почитува наредбите на ајатолахот Али Хамнеи, да ги казни сторителите и одговорните за убиството.

Техеран составува елитен тим за фаќање и кривично гонење на сторителите, како што истакна Ебрахим Раиси, првиот човек на иранското судство. Во тимот ќе бидат вклучени членови на државното обвинителство, на вооружените сили и на разузнавачките служби.

Иранските медиуми објавија дека оружени напаѓачи го убиле Фахризаде од заседа по експлозија на камионет, а дури земале и изјава од наводен сведок. Но, говорејќи на погребот на научникот, Али Шамкани, секретарот на националниот совет за безбедност, кажа дека Израел го спровел нападот користејќи софистицирани „електронски направи“. Тој не даде подетално образложение, но медиумската агенција Фарс соопшти дека атентатот бил извршен со автоматско оружје контролирано со далечински управувач.

Ваквата верзија на настаните, иако уште не е потврдена, се чини дека претставува координиран обид за ограничување на последиците по иранскиот безбедносен апарат по атентатот на Фахризаде.

Американските и израелските разузнавачи тврдеа дека Фахризаде во изминатите две децении бил главниот научник на иранската тајна програма за нуклеарно оружје, обвинувања кои Иран ги негира. Хатами истакна дека смртта на Фахризаде, кој беше прогласен за маченик, ќе ја зацврсти решителноста на Иран да продолжи со неговата работа.

Според израелските медиуми, Израел упати предупредување за зголемување на нивото на безбедност до амбасадите, по изјавата на иранскиот претседател Хасан Рохани дека „уште еднаш злите раце на глобалната ароганција и на ционистичките платеници биле извалкани со крвта на ирански син“.


Убиен и командир на револуционерната гарда?

Израелските медиуми објавија дека командирот на иранската револуционерна гарда Муслим Шадан бил убиен во напад со дрон во Сирија, каде што влегол од Ирак, повикувајќи се на информации од извори во ирачките безбедносни сили. Во возилото во кое се наоѓал Шадан имало уште три лица, кои исто така загинале.