Асиа Биби од Пакистан пристигна во Канада, со надеж дека ќе започне нов живот откако помина осум години во пакистански затвор, каде што се соочуваше со смртни закани од гневни толпи. Иако ова им дава олеснување на активистите и поборниците за религиска слобода, хоророт на Биби сѐ уште не е завршен, пренесува магазинот „Гардијан“.

Незадоволните исламски екстремисти се заколнаа дека ќе ја најдат и убијат поради наводната навреда на муслиманскиот пророк Мухамед, поради што Биби беше прво осудена, а подоцна ослободена од пресудата. Биби сега го живее нејзиниот живот со цел на грбот и е во постојана опасност.

Приказната за Биби стана светска тема откако работничката на полето беше осудена во 2010 година поради кавга со другите работнички кои со неа работеле на полето откако одбиле да пијат од водата што таа ја донела, со изговор дека не е муслиманка.  Двајца пакистански политичари кои се обидоа да и помогнат и ги критикуваа драконските закони на земјата платија со нивните животи.

Биби доби поддршка од папата Франциск и од христијански организации ширум светот. Минатиот месец, врховниот суд ја поништи пресудата, а тоа предизвика масовни насилни протести од толпи кои покрај смртта на Биби, бараа со смрт да бидат казнети и судиите од нејзиниот случај. Демонстрациите беа предводени од „Техрик-е-Лабаик“, исламска група која сака да ги задржи драконските законите за богохулење во земјата. 

Иако Биби беше пуштена од затвор, таа и нејзиното семејство беа во постојана опасност по нивните животи поради толпите кои ги бараа од куќа во куќа. За среќа, Биби и нејзиното семејство успеа да најде спас во Канада, каде што се под надзор на Канадските безбедносни агенции. Католичката црква е подготвена да им овозможи дом и топло добредојде, но сепак секаде постои страв дека токму онаа црква која ќе им ја пружи таа помош ќе стане и цел на исламските екстреминисти.

Христијаните бројат 1,59 отсто од 200-милионската популација на Пакистан, а дури половина од нив се соочиле со обвинувања за богохулење.

– Пакистанските закони за богохулење се насочуваат особено кон христијаните. Тие се катастрофални за малцинствата, кои мораат да постапуваат внимателно со цел да не предизвикаат да бидат обвинети доколку се замерат со некого – велат од „Опен дорс“, организација која го следи прогонот на христијани на светско ниво.

Минатата година, за време на политичката кампања на изборите, сегашниот премиер Имран Кан застана во одбрана на законот за богохулење, со што изненади многумина од активистите за религиска слобода. Активистите го обвинија Кан дека го искористил законот за богохулење со цел да добие политичка поддршка од екстремисти.