Имее Маркос, ќерката на поранешниот филипински диктатор Фердинанд Маркос, доби место во Сенатот на Филипините по гласањето на средномандатните избори во понеделникот, пренесуваат светските медиуми. Досегашната гувернерка на провинцијата Северен Илокос собра повеќе од два милиони гласови.

Победата на Имее го означува враќањето на династијата Маркос на политичката сцена, односно враќањето во Сенатот (горниот дом на дводомната законодавна власт), по народната револуција во 1986 година која го протера семејството надвор од државата.

Наследничката на Фердинанд Маркос се кандидираше за функцијата со поддршка на алијансата ХНП, а менаџерка на нејзината кампања беше Сара Дутерте, ќерката на филипинскиот претседател.

Имее Маркос успеа да ги порази членовите на политичките семејства кои се бореа против диктаторскиот режим на нејзиниот татко, вклучувајќи го и сенаторот Паоло „Бам“ Бениџо Акино Четврти. Тој е внук на Бениџо Акино Јуниор, чиј што атентат во 1983 година ја разгоре опозицијата против режимот на Маркос.

Новата претставничка во Сенатот ги следеше стапките на нејзиниот брат Фердинанд помладиот, кој се кандидираше за потпретседателската функција на Филипините, но загуби на изборите во 2016 година. 

Фердинанд Маркос беше претседател на Филипините од 1965 до 1986 година, кога беше отстранет од власта во масовни протести. Тој потоа избега заедно со неговата сопруга Имелда Маркос, на Хаваите во САД, каде што почина во 1989 година. 

Имее (лево) и Имелда Маркос