Ваквиот систем и претходно беше користен во Индија, но не е јасно дали тој навистина помага во намалувањето на загадувањето. Експертите сметаат дека автомобилите не се главната причина за отровниот воздух во Њу Делхи и дека најголем удел во тоа има палењето на земјоделските полиња во соседните сојузни држави, пренесува Би-би-си

Индиските власти почнаа со ограничување на сообраќајот во престолнината Њу Делхи, во обид да го намалат екстремното загадување на воздухот. Па, така, со системот познат како „пар-непар“, само одредени автомобили ќе може да учествуваат во сообраќајот и тоа во одреден ден. Ваквиот систем и претходно беше користен во Индија, но не е јасно дали тој навистина помага во намалувањето на загадувањето. Последните податоци покажуваат дека нивото на опасните честички во воздухот, познати како ПМ 2,5, е десет пати поголемо од дозволеното. Сепак, експертите сметаат дека автомобилите не се главната причина за отровниот воздух во Њу Делхи и дека најголем удел во тоа има палењето на земјоделските полиња во соседните сојузни држави, пренесува Би-би-си.

Здравствените власти побараа од луѓето да останат во своите домови и да се воздржат од каква било физичка активност, бидејќи милиони лица ризикуваат да страдаат од респираторни болести. Покрај тоа, училиштата во Њу Делхи најверојатно ќе бидат затворени до петок, додека градот и натаму се задушува од густиот смог. Според градските власти, со системот „пар-непар“ од улиците ќе бидат отстранети илјадници возила, додека, пак, ќе биде дозволен сообраќајот само на јавниот транспорт, брзата помош и такси-возилата. Казната за непочитување на правилата ќе изнесува околу 56 американски долари, што е двојно повеќе од изминатите години.

Сепак, експертите посочуваат дека издувните гасови од возилата се само еден од факторите што го претворија градот во гасна комора. Главна причина за високото ниво на загадување во овој период од годината се земјоделците во соседните држави, кои ги палат посевите за да ги расчистат нивите. Со тоа се создава токсичен коктел од јаглерод диоксид, азот диоксид и сулфур диоксид.

Градските власти распоредија стотици тима, составени од полицајци и цивилни волонтери, за спроведување на системот, кој беше во употреба и во 2016 и 2017 година. Според Би-би-си, се очекува да се создаде дополнителен притисок врз системот за јавен превоз, но властите тврдат дека ќе ги интензивираат услугите. Во согласност со системот, возилата чии регистарски таблички завршуваат со броевите еден, три, пет, седум и девет, може да учествуваат во сообраќаат на 5, 7, 9, 11, 13 и 15 ноември. Доколку табличките завршуваат со броевите нула, два, четири, шест или осум, тогаш овие автомобили може да се возат на 6, 8, 12 и 14 ноември.

Интересно е тоа што, за разлика од претходните години, годинава со „пар-непар“ се опфатени и возилата што користат почисто гориво, како што е природниот гас, додека, пак, електричните возила не се опфатени. Покрај тоа, градоначалникот на Њу Делхи и други државни министри мора да го почитуваат системот, иако листата со одобрени исклучоци од правилото е подолга. На листата со исклучоци се наоѓаат претседателот и премиерот на Индија, странските дипломати, жените што сами возат или имаат само женски сопатници, како и возилата што се упатени кон болниците, доколку докажат дека станува за итен случај.