Федералните судови на САД можат да ја прекинат работата после две недели поради недостиг од финансии ако делумната блокада на американската Влада продолжи и понатаму, соопшти денес „Њујорк Тајмс“

Се истакнува дека исплатите на судиите и судскиот персонал можат да бидат замрзнати од средината на февруари. Додека приватните адвокати назначени од судот кои ги претставуваат интересите на обвинетите без плата работат од крајот на декември.

Федералните судови ги кратат расходите за транспорт и вработување на нови соработници, дознава весникот и се додадва дека без плата исто така можат да останат и службите за противпожарна заштита и одржување на судските објекти.

Претходно, администрацијата на претседателот Доналд Трамп повика да се вратат на работа од принудниот одмор околу 50 илјади државни службеници. Тоа се вработени во службите за внатрешни доходи, за безбедност на летовите и за контрола на квалитетот на прехранбените производи и лекарствата во земјата.

Според „Вашингтон Пост“ службениците ќе треба да работат без плата поради блокадата на американската федерална Влада која трае веќе речиси еден месец.