Турција се закани дека ќе им забрани пристап на САД до две стратегиски бази во земјата ако Вашингтон реши да ѝ воведе санкции поради одлуката за купување руски ракетни системи „с-400“, јави „Асошиејтед прес“.
– Доколку се донесе одлука за санкционирање на Турција, тогаш на дневен ред може да се најдат и воздухопловните бази Инџирлик и Куреџик. Членовите на Конгресот на САД мора да разберат дека не може никаде да се стигне со санкции – предупреди турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, а пренесе турската новинска агенција „Анадолија“.

Предупредувањата на Чавушоглу доаѓаат во момент кога американските медиуми јавија дека конгресмените се согласиле со новиот нацрт-закон за одбрана, кој повикува и на санкционирање на Турција поради одлуката да продолжи со купување и со распоредување на руските ракетни системи „с-400“.
Инџирлик, во јужна Турција, е главна база за американските операции на Блиски Исток и од неодамна за борбата против Исламска држава во Сирија и во Ирак. Во неа се смета дека се сместени и американските нуклеарни бомби „б61“, иако во последно време има сѐ почести повици за нивно повлекување. Куреџик, во источна Турција, пак, е клучна база на НАТО.

Одлуката на Турција за набавка на рускиот систем дополнително ги зголеми тензиите меѓу двата сојузника во НАТО, кои траат уште од неуспешниот пуч против Реџеп Таип Ердоган во 2016 година. Вашингтон смета дека рускиот систем „с-400“ е закана за НАТО и поради тоа ја отстрани Турција од програмата за авионите „ф-35“, по што таа се закани дека ќе купи руски авиони.
Односите меѓу Анкара и Вашингтон се влошени и по турската операција против курдските сили во северна Сирија, кои беа американски сојузници во борбата против Исламска држава. Турција ги смета сириските курдски сили за терористи и ги поврзува со забранетата Курдска работничка партија (ПКК).