Претседателот на Европската комисија во заминување, Жан Клод-Јункер предупреди дека Европа слабее демографски, економски и политички, како и дека самата мора да се бори против национализмот.
– Чувај се Европо. И бори се против глупавиот и ограничен национализам. Да живее Европа – порача Јункер.

Тој во последниот говор пред Европскиот парламент во својство на шеф на Европската комисија, оцени дека најголем европски успех и најголем факт е дека во Европа е зачуван мирот.
– Што е иднината на Европа? Ние сме најмал континент. Голем дел од Европејците воопшто не го знаат тоа. Ние сме многу мали, како европски континент – истакна Јункер.

Политиката, додаде тој, мора да се поврзе со демографијата и со географијата.
– Ние изумираме. Нема да исчезнеме, но ќе нѐ има сѐ помалку. На почетокот на 20 век Европејците сочинуваа 20 отсто од светската популација. На крајот на овој век ќе сочинуваме четири проценти – предупреди Јункер, додавајќи дека Европа ќе ја загуби и економската моќ.

Со оглед на тоа, според него, се лаже оној што мисли дека е дојдено време помалку да се зборува за европските, а повеќе за националните рамки.
– Си заминувам од функцијата – не тажен, но не ниту претерано среќен. Заминувам со чувство дека чесно се трудев. Би било подобро кога сите чесно би се труделе – порача Јункер.