Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска изјави дека е загрижен оти екстремните политички сили, особено екстремната десница, би можеле да добијат поголемо влијание и да ги поткопаат европските институции по изборите за Европскиот парламент.

– Ако екстремната левица и десница имаат премногу влијание во Европскиот парламент, тогаш сите дискусии можеби нема да бидат доминирани, но ќе бидат под нивно силно влијание – рече Јункер во интервју за австрискиот весник „Стандард“.

Според него, следната Европска комисија ќе биде ослабена ако зависи од гласовите на екстремната десница и на екстремната левица.

Јункер рече дека главна опасност претставува екстремната десница додавајќи дека сликата за Европа ќе биде полоша ако традиционалните европски партии мораат да прават компромис со неа.