Претседателот на Европската комисија(ЕК) Жан Клод Јункер во својот говор за „состојбата на Унијата“ во Европскиот парламент(ЕП) најави повеќекратно јакнење на Фронтекс за да се спречат нелегалните миграции и побара укинување на праксата на поместување на стрелките на часовникот.

Доколку се прифати неговиот предлог, Фронтекс би нараснал од 1.500 на 10.000 луѓе до 2020 година и би добил нови овластувања.

Популистичките сили во ЕУ, вклучувајќи ги и владите на Италија, Австрија и средноевропските земји, бараат од Брисел да направи повеќе во сузбивањето на миграциите.

-Мораме да престанеме со тоа поместување на стрелките – рече Јункер, при тоа додавајќи дека земјите членки ќе одлучат дали сакаат да останат на таканереченото „летно време“ преку цела година или ќе се вратат на она какво што беше пред воведувањето на летното сметање на времето (таканаречено зимско време).

Во анкетата на ЕК спроведена од јули до август учествуваа рекордни 4,6 милиони луѓе и големо мнозинство се изјасни против поместувањето на стрелките на часовникот.