ЕУ не е расположена за нови преговори за Договорот за истапување на Велика Британија од Унијата, што Владата во Лондон го постигна со Брисел, изјави денеска претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

– Не можеме да ја прифатиме идејата… за повторно отворање на договорот за истапување, истакна Јункер во Брисел по средбата со ирскиот премиер Лео Варадкар. 

Во соопштението се посочува дека и покрај обидите за изнаоѓање решение за регулирано истапување на Велика Британија од блокот, ЕУ, сепак, ќе ги засили подготовките за „брегзит без договор“.

Варадкар од своја страна по средбата со Јункер изјави дека е „убеден“ оти се уште може да се избегне „брегзит без договор“ до предвидениот датум за истапување на Велика Британија од ЕУ – 29 март.

– Велика Британија го одреди тој краен рок и може да побара негово поместување доколку сака, изјави Варадкар, додавајќи дека ниту ЕУ, ниту Ирска не сакаат „брегзит без договор“.

Средбата меѓу Јункер и Варадкар се одржа во пресрет на утрешните разговори на претседателот на Еврокомисијата со британската премиерка Тереза Меј во Брисел.

Меј утре ќе допатува во Брисел во обид да издејствува промени во Договорот за брегзит во делот кој се однесува на границата меѓу Република Ирска и британската покраина Северна Ирска. Со сегашните одредби од Договорот предвидено е „ирската граница“ да остане отворена како што е сега и за време на преодниот период по Брегзит, што би требало да трае до крајот на 2021 година.

Противниците на ваквото решение, пред се од редовите на Конзервативната партија на премиерката Меј, сметаат дека таа одредба би можела Велика Британија „да ја задржи предолго врзана за ЕУ, па дури и бесконечно“.

Оваа одредба беше главна прична поради која британскиот Парламент минатиот месец го отфрли Договорот за брегзит.

Меј најави дека одново ќе преговара со Брисел за прашањето на „ирската граница“, но лидерите на ЕУ ја отфрлаат можноста за нови преговори, нагласувајќи дека договорената одредба е „единственото можно решение“.