Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, кој е во дводневна посета на Тунис со државниот врв, не одговори дали разговарал со туниските власти за отворање регионални платформи за излез на мигрантите кои транзитираат преку таа северноафриканска земја. Но, тој потсети дека земјата веќе прима многу повеќе мигранти отколку Европа и повика европскиот континент да остане засолниште за сите прогонети во светот.

-Тунис има еден милион либиски бегалци, тоа е огромна бројка во споредба со бројките во Европа, тунискиот прием е многу поимпресивен отколку бројките во Европа, рече Јункер на заедничката прес конференција со тунискиот претседател, Бежи Каид Есебси.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Жан Клод Јункер додаде дека „Европа мора да остане прибежиште кое со широко отворени раце ги прима сите оние кои се прогонувани“ и дека одбива да отстапи од овој став.

-Комисија планира да започне широк проект за легална миграција, ако ги примаме легалните мигранти во Европа, ќе има помалку мртви во Медитеранот, ако им ги забраниме легалните канали на тие луѓе, тогаш тие ќе ги користат нелегалните патишта, јас сум за систем на легална миграција, изјави првиот човек на ЕК.

Европската Унија се соочува со политичка криза околу начинот на управување со мигрантските текови иако тие се значително намалени во споредба со 2015, во екот на сириската криза. Европските држави не успеваат да се договораат за заедничка политика на прием и азил, додека антимигрантската реторика се зајакнува на континентот.

Една од идеите на ЕУ за справување со мигрантските прашања е отворање на регионални платформи за излез во трети земји, но засега ниту една земја не го прифатила овој предлог.

Многумина од мигрантите од субсахарска Африка минуваат токму преку Тунис во обид да го препливаат Медитеранот до Италија. Самите Тунижани, по „арапската пролет“ во 2011, масовно бегаа по истиот пат до островот Лампедуса.

Јункер и Есабси се согласија дека она што е важно е да се работи на коренот и причините на миграциските текови кон Европа, како економската состојба, невработеноста и сиромаштијата.

-Овој проблем ќе остане сѐ додека состојбата јужно од Медитеранот и јужно од Сахара остане иста, невработеност, сиромаштија, маргинализирани региони, треба мирно да се простудира овој проблем и да се изнајдат решенија во кои никој нема да биде запоставен, рече претседателот на Тунис.

Европската Комисија, преку Јункер, ги повика европските претпријатија повеќе да инвестираат во Тунис. Отворен е и европски инвестициски план од 44 милијарди евра, од кои 24 се веќе во функција, порача Јункер. Тој повика и значајно да се зголеми бројот на студенти од Тунис во програмата Ерасмус за студентска размена.