Ќерката на двојниот шпион Сергеј Скрипал, Јулија, која заедно со него беше отруена во Солсбери, денеска првпат се огласи по инцидентот од 4 март што предизвика дипломатски потрес.

Во соопштението што го пренесува британската полиција, Јулија наведува дека таа и нејзиниот татко се чувствуваат подобро.

– Се разбудив минатата недела и секој ден ми се враќа силата. Благодарна сум за интересирањето за мојата состојба и бројните пораки со поддршка. Посебно благодарност за граѓаните на Солсбери кои ни помогнаа, кога татко ми и јас бевме онеспособени, истакнува Јулија Скрипал.

Таа додаде дека „се е во ред, се може да се поправи и се ќе биде подобро“.

Труењето во Солсбери, официјален Лондон го оцени како непријателски акт на Русија на британска територија. По инцидентот Велика Британија протера руски дипломати, а истото го направија и САД, поголемиот број земји-членки на ЕУ и други држави. Русија возврати со иста мерка.