Официјален Сеул остро ја критикуваше Русија по инцидентот, во кој неколку руски бомбардери, придружувани од кинески воени, навлегле во воздушниот простор на Јужна Кореја. За нивно пресретнување биле испратени неколку јужнокорејски ловци „ф-16“, кои истрелале дури 360 куршуми кон руските авиони. Инцидентот може да сигнализира за тоа колку Јужна Кореја може да биде изолирана во регионот, но и на фактот дека Сеул нема мирно да седи и оти ќе преземе сериозни чекори за да ја брани својата територија во случај на провокации

Авиони на воздушно-вселенските сили на Русија двапати навлегле во воздушниот простор на Јужна Кореја, во регионот на Јапонско Море, по што јужнокорејски авиони истрелале стотици куршуми како предупредување. Инцидентот се случил во близината на островот Токто, каде што биле регистрирани два руски тешки бомбардери „ту-95с“. Тие, според официјален Сеул, биле пресретнати од повеќе ловци „ф-16“ на јужнокорејската авијација. Од друга страна, Москва демантира дека нејзини авиони учествувале во инцидентот.

Јужнокорејското министерство за одбрана соопшти дека трите руски авиони прво влегле во одбранбената идентификациска зона на источниот брег на Јужна Кореја, по што влегле во воздушниот простор на оваа земја.
– Авионите го напуштиле воздушниот простор на Јужна Кореја по првите предупредувачки истрели, но потоа повторно се вратиле во истата област – се наведува во соопштението на јужнокорејското министерство.
Првиот пат, јужнокорејските авиони истрелале десет сигнални ракети и 80 куршуми од митралез како предупредување, а вториот пат десет сигнални ракети и дури 280 куршуми.

Интересно е тоа што руските бомбардери наводно биле придружувани од кинески воени авиони. За разлика од Русија, на која ова ѝ е првпат да го наруши
воздушниот простор на Јужна Кореја, кинески авиони изминатите години честопати влегуваа во јужнокорејската одбранбена идентификациска зона.
Областа во која навлегоа руските авиони се наоѓа над групата мали острови што ѝ припаѓаат на Јужна Кореја, но се предмет на територијален спор со Јапонија. Затоа со остра реакција се јави и официјален Токио, кој, според „Ројтерс“, по инцидентот исто така бил принуден да испрати воени авиони во спорната област.
– Вакви акции над нашата територија се неприфатливи – се наведува во соопштението на јапонската влада.

Светските медиуми пренесуваат дека Јапонија преку дипломатски канали испратила остри протестни ноти и до Русија и до Јужна Кореја.
Од друга страна, Русија, која нема интерес во овој територијален спор, соопшти дека нејзините тешки бомбардери не го нарушиле воздушниот простор на други држави во текот на летот над Јапонско Море. Според руското министерство за одбрана, авионите „ту-95мс“ летале во согласност со договорениот план и според одредбите на меѓународното право, на оддалеченост од 25 километри од островот Токто.

Би-би-си наведува дека руските авиони по сѐ изгледа учествувале во заеднички вежби со авијацијата на Кина. Изминатите неколку години, Сеул повеќепати алармира на инцидентите со кинески авиони, кои навлегуваат во јужнокорејскиот воздушен простор. Минатата година, кинеската армија првпат учествуваше во големите руски воени вежби „Восток“. Заедничките маневри беа одлична можност двете земји да ги покажат нивниот сојуз и комбинираната воена моќ. Вчера тие повторно го сторија тоа, овој пат над Корејскиот Полуостров, најверојатно за да го тестираат или да го провоцираат сојузникот на САД, пред Џон Болтон, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, да пристигне во посета на Јужна Кореја. Исто така, инцидентот може да сигнализира за тоа колку Јужна Кореја може да биде изолирана во регионот, но и на фактот дека Сеул нема мирно да седи и оти ќе преземе сериозни чекори за да ја брани својата територија во случај на провокации.