Силно невреме и поплави ја погодија француската провинција Окситанија, каде вообичаеното количество дожд за два месеци, сега наврна за шест часа.

Француската метеоролошка служба издаде црвено предупредување за овие делови на земјата, поради „опасни и многу интензивни катастрофи“. Предупредувањето значи дека граѓаните треба да останат во своите куќи и да избегнуваат излегување и возење.
Нивото на реките рапидно расте, па се стравува дека последиците од поплавите би можеле да бидат уште полоши.
За време на поплавата, евидентирани се 23 случаи на луѓе заробени во автомобили, кои биле спасени од тимови на специјално обучени пожарникари. Поројни води и кал превртеа автомобили и поплавија неколку патишта, вклучувајќи го автопатот А9 помеѓу Монпелје и Ним, како и железницата.
На некои места беше забележано дека водата ги поплавила училиштата додека учениците беа во нив, но сите тие успеаја да одат на сигурно.
За помалку од 24 часа, оваа област ја погодија дури 19.000 громови, а 1.300 само во градот Ним, пренесуваат француските медиуми.