Полициските сили поминуваат часови во ловот на камерите поставени од воајерите

Јужнокорејската полиција тргна во одлучна борба против камерите што тајно ги снимаат луѓето додека се пресоблекуваат при посетата на базен или на плажа, барајќи спас од горештините на летото, пренесува „Вашингтон пост“.

Властите, реагирајќи на негодувањето на јавноста, организираа тимови опремени со инфрацрвени скенери кои се способни да ги забележат скриените уреди со објективи и направите на електрично полнење. Полициските сили поминуваат часови во ловот на камерите поставени од воајерите, во јавните тоалети и гардероби. Инспекциите траат веќе неколку месеци, а во нив беа опфатени, плажи, базени, хотели, концертни сали, трговски центри и канцелариите, но не е постиган позначаен успех во откривањето на скриените направи.

Базените се опфатени во полициските инспекции

Ваквиот проблем предизвикува загриженост во азиската држава со години, откако бројот на регистрирани случаи се зголеми од 1.354 во 2011 година на 5.363 во 2017 година. Појавата на паметни телефони и подемот на социјалните мрежи придонесоа за зголемениот број на случаи, според полицијата. Ваквиот тренд е познат под називот „молка“ (изразот потекнува од популарна телевизиска емисија со скриена камера) во Јужна Кореја.

Десетици илјади жени излегоа на повеќе улични протести организирани во Сеул летово, за да укажат на проблемот, носејќи знаци со натписот „мојот живот не е ваша порнографија“.

Десетици илјади жени излегоа на уличните протести во Сеул

Полицијата идентификуваше преку 26 илјади жртви на тајното снимање во периодот помеѓу 2012 и 2016 година, од кои 80 отсто се жени. Се претпоставува дека вистинскиот број на оштетени лица е барем десет пати поголем.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, исто така, укажа на проблемот, нарекувајќи го „дел од секојдневниот живот“ и барајќи построги казни за престапниците.