Шумските пожари, потпомогнати од горештините и силните ветрови, денеска земаат замав во Јужна Европа, додека некои северни земји ги расчистуваат и отстрануваат остатоците по обилните дождови и поплави.

Во Грција, премиерот Кирјакос Мицотакис рече дека пожарникарите се избориле со околу 50 пожари во последните 24 часа.

– Сакам да истакнам дека август е секогаш тежок месец. Затоа е важно за нас, сите владини служби, да бидеме целосно подготвени додека официјално не заврши сезоната на пожари рече Мицотакис.

Противпожарните служби соопштија дека неколку пожари биле предизвикани од невнимание на фарми и градилишта и тоа најмногу на Пелопонез. Нема извештаи за жртви.

Во Италија веќе трет ден италијанските пожарникари се борат со пожарите што избувнаа во југозападниот дел на Сардинија.

20.000 хектари шума се веќе уништени а 1.500 луѓе се евакуирани.

За гаснење на пожарот беа мобилизирани 7.500 луѓе, хеликоптери и авиони. Во текот на ноќта, евакуирани се туристи кои летувале во пристаништето Порто Алабе. Пожарите беснеат во близина на 13 градови, а напорите на пожарникарите ги отежнуваат силните и жешки ветрови.

Весниците во Сардинија ја опишуваат сцената од пожарите како апокалиптична. Претседателот на регионот на Сардинија, Кристијан Солинас, прогласи вонредна состојба на островот и побара од владата во Рим итна помош поради штетата што до сега ја направи пожарот.

– Ова е невидена природна катастрофа – рече Солинас.

Италија денес побара од европските земји да испратат противпожарни авиони со цел да се запре ширењето на пожарите на делови од островот Сардинија.