Јорданскиот принц Хамза преку видео испратено до светските медиуми објави дека командантот на јорданските вооружени сили му рекол да не ја напушта куќата и да не комуницира со луѓе, неколку часа откако армијата тврдеше дека не е во домашен притвор.

Врховниот командант Јусеф Ахмед ал-Хунаити негираше дека поранешниот престолонаследник и полубрат на кралот Абдула бил приведен или е во домашен притвор. Но, принцот Хамза објави видео, кратко потоа.

– Утрово ме посети командантот на Генералштабот на јорданската армија кој ме извести дека не смеам да излегувам, да комуницирам со луѓе или да ги исполнувам обврските затоа што имаше критики кон кралот на состаноците на кои присуствував или на социјалните мрежи за моите посети – рече тој на англиски јазик во видеото објавено од „Би-би-си“.

Хамза рече дека тој не е обвинет лично за изговарање критики кон кралот Абдула Втори. Тој исто така кажа дека му е отстрането осигурувањето и дека му се прекинати телефонските и интернет врските.

„Овој сателитски интернет е мојот единствен начин за комуникација“, рече тој, додавајќи дека компанијата му рекла дека ќе биде прекинат и тој.

„Јас не сум одговорен за неуспесите во управувањето, за корупцијата и за неспособноста што владееше во нашите управувачки структури во последните 15 до 20 години“, додаде принцот.

Хамза (41) беше престолонаследник од 1999 до 2004 година кога кралот Абдула го отстрани и го постави неговиот син за престолонаследник.

Хамза потоа во писмо објавено од државните медиуми напиша дека верно ќе го поддржи Абдула.

Според „Вашингтон пост“, Хамза е во домашен притвор во рамки на истрагата за планирање на пуч. Ал-Хунаити го негираше ова, но рече дека на принцот Хамза му било речено да се воздржува од активности што можат да ја нарушат стабилноста на кралството.