Јордан се надева дека ќе биде постигнат договор за прекин на огнот во јужна Сирија, со цел да се спречи хуманитарна катастрофа, изјави денеска во Москва јорданскиот министер за надворешни работи Ајман ал-Сафади на средба со неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Како што јави ДПА, ОН проценуваат дека меѓу 270 и 330 илјади Сиријци се раселени поради копнената и воздушната офанзива што во средината на јуни во јужната провинција Дара ја започнаа сириските владини сили поддржани од Русија и нивните сојузници.

– Со голема загриженост следиме што се случува на теренот во јужна Сирија- изјави Ал-Сафади на заедничката прес-конференција со Лавров.

Тој нагласи дека цел на Јордан е да биде постигнато политичко решение за кризата во Сирија, што би започнало со прекин на огнот и со спречување на хуманитарна катастрофа.

– Разговорите беа фокусирани на тоа како можеме да работиме заедно за да ја надминеме оваа криза- додаде Ал-Сафади.

Русија е главниот сојузник на сирискиот претседател Башар Асад и ги поддржува неговите сили во обидот да ја преземат контролата врз Дара од бунтовниците.

Москва преговара со бунтовниците во Дара, барајќи од нив да го предадат своето тешко оружје пред да биде постигнат договор за прекин на огнот, барање што тие го отфрлија.

Портпаролот на бунтовниците изјави дека разговорите завршиле без резултати, без соопшти детали.

– Има некои несогласувања за некои точки и чекаме да биде договорен нов круг разговори, се надеваме дека тие можат да бидат решени во иднина- изјави за ДПА портпаролот на бунтовничките сили во Дара, Ибрахим Џабави.