Во Јемен, медот што се прави од цветовите на дрвото сидар, познато на Блискиот Исток и како дрво „џуџубе“, се негува како симбол на упорноста. Сидаровиот мед често е опишуван како најубав мед во светот, заедно со медот манука од Нов Зеланд. Медот добиен од дрвото џуџубе има бледа боја и огнен, горчлив вкус, пишува „Гардијан“, нарекувајќи го „течно злато“.

Иако војната го отежнува патувањето, животот на јеменските пчелари е речиси непроменет. Тие се единствените луѓе во Јемен кои можат лесно да ги поминат бојните полиња во потрага по цветови за своите пчели.

– Не е важно кој управува со контролниот пункт. Кога ќе ги видат сандаците со пчели во задниот дел од камионот брзо не пуштаат да поминеме. Дури и Хутите (бунтовници во Јемен – н.з.) се плашат од нивните убоди – вели Саид ал-Аулаки, пчелар од Шабва.

Аулаки го научил занаетот од неговиот вујко и се занимава со пчеларство веќе десет години. Пред една генерација, пчелите сè уште се одгледувале во празни стебла на дрвјата и биле пренесувани со камили. Сега, модернизацијата и камионите им ја олеснуваат работата.

Според извештајот на ООН за 2020 година, околу 100.000 пчелари во Јемен произведуваат 1.580 тони мед годишно, од кои 840 тони се извезуваат. Сидаровиот мед достига цена од 500 долари по килограм во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Војната го прави пчеларството опасен бизнис. Нагазни мини се поставени низ целата земја. Пчеларите претпочитаат да ги пренесуваат пчелите навечер, кога тие се поспани, но ноќните движења честопати се сомнителни за завојуваните страни во Јемен. Аулаки, горд на својата работа, не би се откажал од своите пчели за ништо на светот.

– Работата понекогаш прави да се чувствувам осамено. Еднаш месечно го гледам моето семејство. Порано работев како градежник во Саудиска Арабија. Сега ми е многу подобро. Пчелите и медот се благослов од Бога – вели Аулаки.