Јапонската принцеза Мако денеска се омажи за својот избраник Кеи Комуро, кој нема благородничко потекло, пренесоа светските агенции.

Така, принцезата Мако ќе ја изгуби титулата и ќе стане обичен граѓанин. Принцезата се откажа од традиционалните гламурозни ритуали и еднократната исплата од над 1,3 милиони долари.

Јапонската телевизија прикажа снимка на која принцезата Мако ја напушта царската резиденција во главниот град Токио, се збогува со семејството, им се поклонува на родителите и ја бакнува својата помлада сестра.

Младенците имаат 30 години, а студирале заедно на универзитет. Двајцата ќе живеат во Њујорк, каде Комуро веќе работи во адвокатска канцеларија. Сѐ уште не се знае дали Мако ќе работи, но има добро образование – студирала уметност и културно наследство.

Заминувањето на царското семејство и преселувањето во САД предизвикаа неизбежни споредби со друга двојка – британскиот принц Хари и неговата американска сопруга Меган Маркл, забележува Франс прес.

Кога принцезата Мако и Кеј Комуро ја објавија својата свршувачка пред четири години, веста првично наиде на одобрување во Јапонија, потсетува „Ројтерс“. Меѓутоа, работите се сменија кога таблоидите открија финансиски скандал во кој е вмешана мајката на младоженецот. Комуро потоа замина во Њујорк да студира право и се врати во Јапонија дури минатиот месец.

Бракот нема никаква врска со редот на наследување на царскиот престол. Во Јапонија, тронот се пренесува само преку машка линија.