Претседателот на САД, Доналд Трамп, директно го замоли јапонскиот премиер Шинѕо Абе да купи огромно количесто земјоделски производи, објави во вторникот новинската агенција „Кјодо“, повикувајќи се на неидентификувани јапонски и американски владини извори.

Јапонија и САД се согласија да постигнат широк договор за билатерална трговија до септември, обидувајќи се да ги премостат разликите во мислењата околу тарифите на говедско месо и автомобилскиот сектор, објави весникот „Никеи“ на почетокот од овој месец.

Трамп побара Јапонија да купи специфични производи како што се соја и пченица, објави „Кјодо“, додавајќи дека барањето е одвоено од рамките на тековните трговски разговори меѓу Вашингтон и Токио.

Според новинската агенција, јапонската влада ќе размисли за својот одговор, а една опција е земјоделските производи да се купат како поддршка во храна за африканските земји.

Набавката би вредела неколку стотици милиони долари, вклучувајќи ги и трошоците за транспорт.