Нагасаки се сеќава на жртвите од американската атомска бомба фрлена врз тој јапонски град пред 76 години. По тој повод, градоначалникот Томихиша Таује укажа на зголемената закана од новата трка во нуклеарно вооружување.

– Јапонија, единствената земја во светот која досега беше жртва на атомски бомби, мора да стори повеќе за да обезбеди свет без такво оружје – рече Таује.

Тој повторно ја повика јапонската влада да се приклучи на договорот на Обединетите нации од 2017 година, со кој се забранува нуклеарно оружје.

Се едноминутно молчење во 11.02 часот се одбележа точниот момент кога на 9 август 1945 година беше фрлена бомбата врз тој град. Само во Нагасаки веднаш загинале 70.000 луѓе, а повредени биле околу 75.000.

Три дена претходно, САД веќе ја фрлиле првата атомска бомба врз Хирошима. Јапонија конечно се предаде на 15 август 1945 година.

Градоначалникот на Хирошима побара да се одржи и минута молчење на Олимписките игри во Токио, но Меѓународниот олимписки комитет го одби барањето.