Амбициозните глобални цели за намалување на емисиите на јаглерод веќе претрпеа значителен удар минатата недела, кога Кина, која неодамна вети дека ќе ги повлече сите идни надворешни проекти за градење постројки на јаглен, соопшти дека дополнително ќе се посвети на домашната експанзија на јаглен. Ова, најверојатно, ќе ја одложи годината што земјата ја предвиде да го достигне врвот во емисиите (во моментов 2030 година), повикувајќи се на нов „фазен план и патоказ за максимално ниво на јаглеродни емисии“.
Во изјавата по состанокот на Националната комисија за енергетика во Пекинг, кинескиот премиер Ли Кеќанг истакна дека „со оглед на доминантното место на јагленот во енергетиката и ресурсите на државата и во светот, важно е да се оптимизира изгледот на производствени капацитети на јаглен, да се изградат напредни електроцентрали на јаглен во согласност со развојните потреби, а понатаму постепено етапно да се повлечат од употреба застарените постројки на јаглен.
Како што покажуваат податоците од „Глобал енерџи монитор“, енергетските капацитети на јаглен во светот и натаму се главни движечки мотори на индустриите. Од прикажаното, Кина е далеку напред пред сите други држави што инвестираат во фосилните горива.