Говорејќи пред Парламентарното собрание, генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд смета дека Русите се тие кои најмногу ќе страдаат ако Русија замине од Советот на Европа, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Додека Русија и понатаму не сака да ги плати своите придонеси во буџетот на Паневропската организација, Јагланд истакна дека одлуката на Собранието за лишување на руската делегација на правото на глас не доведе до враќање на Крим во Украина, ниту ја подобри ситуацијата со човековите права во Русија.

Напротив, тоа предизвика криза во Организацијата. Тој притоа побара од Собранието и од Комитетот на министрите да седнат на маса и да преземат конкретни активности за да ги разјаснат правилата и поделбата на овластувањата помеѓу двете тела на начин кој ќе го зајакне авторитетот на Организацијата, врз основа на еднакви права и должности. Јагланд го спомена писмото што му го испратија 59 истакнати бранители на човекови права во Русија, во кое тие повикуваат на компромис за да ја спречат Русија да го напушти Советот на Европа. Ова писмо предупредува дека овој исход ќе биде штетен за Русите, бидејќи тие ќе бидат лишени од заштитата на конвенционалниот систем. Генералниот секретар заклучи дека компромисот со Русија во оваа година кога се слави 70-годишнината од Советот на Европа ќе биде добар подарок за Европа.

Јагланд понатаму изрази задоволство што Европскиот суд за човекови права сега се заснова на посилна основа од таа кога тој беше избран во 2009 година. Во тоа време, кредибилитетот на конвенционалниот систем беше доведен во прашање поради заостанати 160.000 предмети. До крајот на минатата година оваа бројка беше сведена на 56.000. Овој развој беше во голема мера постигнат со пренамена на ресурси на теренот за да се донесат закони во земјите-членки во согласност со Конвенцијата и да се обучат судии и адвокати.

Јагланд изрази загриженост и за ситуацијата во Турција, каде што се тестира улогата на правниот систем, а со тоа и на системот на Конвенцијата. Тој предупреди дека ако правдата не дадена навреме, стотици илјади турски случаи би можеле да стигнат до Судот во Стразбур.

Генералниот секретар на Советот на Европа, кој го завршува својот мандат во октомври го истакна напредокот постигнат во повеќе области, како што се миграцијата, трговијата со луѓе, заштитата на податоците, управувањето со интернетот, борбата против тероризмот и екстремизмот и заштитата на децата против сексуална експлоатација и злоупотреба. Тој, исто така, го привлече вниманието кон новите предизвици кои се појавуваат за човековите права, особено во врска со вештачката интелигенција и принудната работа, честопати нарекувано модерно ропство.