Бегалците од Авганистан се соочуваат со неизвесна иднина

По преземањето на контролата врз Кабул од страна на талибанците, во Авганистан се случи хаотичен егзодус. Голем број Авганистанци ја напуштија земјата, барајќи спас во американските авиони. Сега, американските бази, како што е онаа во Катар, се преплавени од бегалци кои не знаат што ќе се случи со нив и нивните семејства, пренесува „Њујорк тајмс“.

За само две недели, американските војници помогнаа во хаотичната евакуација на над 114.000 Авганистанци. При слетувањето во Катар, некои Авганистанци паѓаа на колена со солзи во очите по симнувањето од авионот, мислејќи дека пристигнале во САД, но тие набрзо беа сместени во центар за бегалци кој се наоѓа во голем хангар за авиони.

– Постојано мислам на моето семејство и ситуацијата во која се наоѓаат. Кога ќе стигнеме во САД, не знаеме што ќе се случи со нас таму. Дали ќе најдеме работа, дали ќе бидеме добро сместени, дали ќе успееме да создадеме подобар живот за нас – се прашува Захра, 28-годишната Авганистанка која минатата недела пристигнала во Доха.

Дел од нејзиното семејство ја немало истата среќа да влезе на аеродромот и да се спаси од режимот на талибанците. Сега, Захра постојано се присетува на нивните зборови: „откако ќе го напуштиш Авганистан, никогаш нема да ти биде дозволено да се вратиш назад“.

Полицаецот од Кабул, Гул, се нашол во еден од авионите за евакуација, оставајќи ги зад него неговата жена и деца. Ваквата одлука, вели тој, му тежи на совеста, бидејќи за време на хаосот успеал да се спаси само себеси.

– Ноќе не можам да спијам. Јас бев припадник на безбедносните сили. Што ако моето семејство е нападнато? Кој се грижи сега за нив? – вели Гул, кој не знае колку долго ќе остане во прифатниот центар, како и дали сега ќе може да работи и да испраќа пари на неговото семејство.

Поранешниот преведувач за американските сили и меѓународните организации, Мирвас, решил да го напушти Кабул откако талибанците го посетиле домот на неговата мајка.

– Доколку сега бев во Авганистан, сигурно ќе бев мртов – вели Мирваис.

Тој ја губи надежта дека повторно ќе се соедини со неговото семејство по неуспешните обиди да ги извлече од Авганистан неговото 10-месечно бебе и сопругата.

– Немам пасош, ниту документи. Но што ќе се случи со мене ако не можам да стигнам до САД? Кој ќе го издржува моето семејство – загрижено вели Мирвас.

Малубројниот американски воен персонал во кампот деноноќно работи за да обезбеди медицинска нега, храна и вода за бегалците, но поради големите броеви кои постојано растат, во центрите за прифаќање настанува хуманитарна катастрофа. Со цел да се намали притисокот врз центарот во Доха, американската војска започнала да испраќа бегалци во американските бази во Германија, Италија, Шпанија и Бахреин.