Нетанјаху е подготвен да го закопа решението за две држави

Форин аферс

Израел наскоро може да го почне процесот за анексија на делови од Западниот брег. Барањето на премиерот Бенјамин Нетанјаху за еднострано воведување на израелскиот закон на делови од територијата, со што практично ќе се гарантира трајна контрола од страна на Израел, е актуелно заедно со едно уште поконтроверзното прашање за кое никој не сака да дискутира, а тоа е дека Нетанјаху е на пат да ја укине палестинската држава со утврдени граници во јуни 1967 година и со главен град во источен Ерусалим. Без разлика што ќе се случи со анексијата, ова ќе биде неговото наследство и најверојатно нема да може да се промени.

Лидерите од и надвор од Блискиот Исток сега практично го молат Нетанјаху да покаже воздржаност. Во изминатите неколку недели, дебата во Израел премина од тоа дали да се случи анексија до колку да се анектира, со што се истакнува степенот до кој се игра играта по негови правила. Израелскиот премиер се соочува со обвинение за поткуп, измама и нарушена на доверба, предизвикот од непослушните десничарски коалициски партнери, повторната појава на ковид-19, економската рецесија и постојаниот проблем со Иран. Но ако останувањето на власт и трајното укинување на шансите за формирање на вистинска палестинска држава се неговите најважни цели, тогаш тој победува и при тоа има огромна поддршка.

Остварување на сонот

Најважните сојузници на Нетанјаху во неговиот обид да ги задуши палестинските национални аспирации се токму самите Палестинци. Поделени, разединети и без дефиниран курс, палестинското национално движење потсетува на Ноевата арка: дуелите меѓу ривалските партии Фатах и Хамас создадоа две верзии за сè: државички, безбедносни служби, устави и покровители. Што се однесува до палестинскиот претседател Махмуд Абаз кој е под силен притисок, тој е ставен меѓу двата огна на статус-квото кое нуди понатамошна окупација и промена која води до непосакуваната форма на вооружена борба со што би се нарушил палестинскиот авторитет и прифаќањето на мировниот план на Трамп, кој нуди некаков вид на државност. Јавноста сè почесто со презир гледа кон лидерството на Абаз, освен само што добро се справува со пандемијата. Празни се сметаат неговите закани да ги прекине сите врски со Израел, меѓу кои и безбедносната соработка, а уште полошо е што палестинската држава зависи од Израел за сè, од патни дозволи до вода, струја и лекови. Мали се шансите да се случи организирана офанзива на насилство што би било во корист на Хамас. Исто така мали се шансите да се случи и спонтана интифада. На почетокот на овој месец, партијата Фатах собра илјадници луѓе на улиците во Ерихон во знак на протест против анексијата, но во Рамала имаше проблем да собере 200 лица.

Амбициите на Нетанјаху дополнително беа зајакнати од арапските држави, особено во Заливот, од каде што бараше поддршка. Додека тој продолжи со изградба на населбите и целеше кон осуетување на палестинските аспирации, неговата влада ги зајакна односите со Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и со Бахреин. Меѓу сојузниците на Нетанјаху се истакнува еден партнер. Иако администрацијата на Трамп во последно време испраќаше мешани сигнали за прашањето околу анексијата, американскиот претседател и неговиот мировен тим постигнаа многу за да ги поддржат бавните напори на Нетанјаху да се укине палестинската државност.

Смртта на „двете држави“

Прашањето што се поставува е зошто Нетанјаху би ризикувал да ги загрози сите овие придобивки за да го наметне израелскиот закон на териториите кои државата веќе ги контролира и никој не ја притиска да ги врати. Зошто да се наговори нефункционалната палестинска кауза, да се налутат арапските држави (особено Јордан), да се ризикуваат можните проблеми со Европејците и во случај на нова американска администрација, да се има лош почеток со нив? Идејата за анексијата пред последните три избори му помогна на Нетанјаху да собере поддршка кај народот. Но каква корист има сега од ова?

Одговорот можеби се наоѓа во наследството кое тој сака да го остави. Воведувањето на израелскиот закон во поголем дел од Западниот брег би значел неповратен крај на проектот за палестинска државност со што тој би станал премиерот кој не само што го закопал решението за две држави, туку и анектирал одбран дел од Западниот брег. Во 2014 година, Кнесетот го донесе Основниот закон со кој се наложува апсолутно мнозинство од 80 од 120 членови на парламентот за да се изгласаат законски регулативи со кои му се дава територијалниот опсег на израелскиот закон. Поинаку кажано, за Кнесетот би било речиси невозможно да изгласа мерки за отстапување на територија во која израелскиот закон веќе претходно важи. Токму со Основниот закон од 2014 година се укинува решението за двете држави.

Невозможно е да се каже што ќе стори Нетанјаху на или по 1 јули. Без разлика што ќе се случува во наредните денови или недели, шансите за решение за две држави прифатливо за двете страни се речиси неизгледни, под секакви околности во иднина.

Превод: Билјана Здравковска