Оштетениот објект при нуклеарната постројка „Натанц“ во Иран

Додека највисокото иранско тело за безбедност соопшти дека причината за инцидентот во нуклеарниот објект „Натанц“ е утврдена, но одби да објави детали, разузнавачите и светските експерти за оружје велат дека веројатно станува збор за саботажа

Сомнителни инциденти во Иран

Силната експлозија што се случи минатата седмица во нуклеарниот објект „Натанц“ во Иран веројатно преставува саботажа, но не е исклучена можноста за нападот да постои и сајбер-шпионажа. Со вакви тврдења деновиве излегоа разузнавачите и светските експерти за оружје, откако на сателитските фотографии на местото на нападот во нуклеарниот објект „Натанц“, кој се случи минатиот четврток, беше увидена огромна вдлабнатина во големата индустриска зграда во комплексот. Сепак, во исто време аналитичарите имаат поделени мислења за обемот на претрпената штета за иранската нуклеарна програма, која не се соодветствува со тврдењето на официјалните власти во Техеран, пренесува „Вашингтон пост“.
Американскиот весник во своја анализа на случувањата во Иран наведува дека за зградата што се наоѓа во рамките на комплексот „Натанц“ и која беше потресена минатиот четвртокот од страна на мистериозна експлозија, за која иранските власти признаа оти предизвикала значителна штета, сѐ уште има низа нејаснотии.

Во меѓувреме, портпаролот на иранската Агенција за нуклеарна енергија кажа дека државните безбедносни служби ја знаат причината за експлозијата, но оти засега нема да соопштат детали, поради „безбедносни причини“. Други ирански официјални лица јавно сугерираа дека се виновни оперативци на САД или на Израел, иако и двете држави негираа вмешаност во инцидентот.
Лице од безбедносните служби на Блискиот Исток во интервју за „Вашингтон пост“ истакна дека штетата е предизвикана од „голема експлозивна направа“ подметната од израелски оперативци за „испраќање сигнал“ за Техеран. Тој инсистираше да остане анонимен поради осетливата природа на разузнавањето. Други аналитичари и нуклеарни експерти исто така кажаа дека доказите упатуваат кон детонирана бомба во објектот.

– Наједноставното објаснување е дека се случила експлозија во зградата. Тешко е да се замисли дека ова е несреќа – истакна Џефри Луис, професор и експерт за оружје од институтот за меѓународни студии „Мидлбури“ во Калифорнија, САД.
Анонимниот безбедносен експерт смета дека експлозијата била „повик за будење“, наменет за одвраќање на Иран по напредокот во државната нуклеарна програма во изминатите неколку месеци, како и дека сторителите имале познавања на објектот.
Аналитичарите имаат различни ставови за причинетата штета. Едни експертите тврдат дека на Иран ќе му бидат потребни повеќе месеци за обнова на објектот, што ќе предизвика и застој во работата, а други, пак, дека експлозијата нема да има голем ефект.

Сепак, од друга страна, официјален Техеран во неделата единствено потврди дека се случила експлозија и избил пожар во новиот погон со напредни центрифуги во подземната нуклеарна централа за збогатување ураниум во „Натанц“. Според новинската агенција на Иран (ИРНА), експлозијата од 2 јули предизвика „значителна штета“ и уништи неколку „мерни уреди и напредни погони“.
Инаку, последниот инцидент во „Натанц“ се случи во иста недела како и три други експлозии, онаа во фабриката за ракетни погони во Хоџир, во близината на воената база Парчин, другата во ракетната база во Шираз и третата во медицинскиот центар на север од Техеран, при што загинаа 19 лица.