На 19-тата годишнина од терористичките напади на 11 септември во САД, виновникот, џихадистичката организација Ал каеда, тогаш со седиште во Авганистан, сега е во хаос, пишува Би-би-си.

Нејзиниот огранок во Сирија беше сузбиен во јуни од ривалска сила, во Јемен претрпе пораз од страна на бунтовниците, недолго откако го загуби нејзиниот лидер во американски воздушен напад, а водачот на огранокот во Северна Африка беше убиен во француска акција во Мали во јуни, по што уште не е прогласен наследник.

Во меѓувреме првиот човек на Ал каеда Ајман ал Завахири останува невообичаено отсутен со месеци, поттикнувајќи ги шпекулациите дека можеби е мртов или онеспособен да дејствува.

Но ограноците на Ал каеда во Сомалија и во Мали остануваат потентна сила. Идеолошки, Ал каеда се соочува со вообичаена дилема за џихадистичките движења – да се модернизира и да покаже флексибилност со цел да придобие нови припадници, и да опстане, или да се придржува до строгите џихадистички принципи со ризик да ги одврати следбениците.

Секој избор носи одредени ризици. Првиот може да го загрози кредибилитетот на организацијата и да доведе до одвојување на тврдокорните џихадисти, додека вториот може сериозно да го ограничи оперативниот капацитет, дури и да ја доведе Ал каеда до пропаст.

Згора, шпионите со години се уфрлаат во групата, целејќи кон нејзините лидери. А Ал каеда е измачувана и од внатрешните поделби.

Но еден настан покажа дека Ал Каеда на Арапскиот Полуостров уште има одредена улога, во оркестрирањето на нападите на т.н. „волци самотници“ врз Западот. Во февруари, групата тврдеше дека стои зад оружениот напад од декември минатата година извршен во поморска база на Флорида.

Ал каеда претходно покрена глобална воена и пропагандна кампања минатата година, која ја обнови годинава, чија цел е „ослободувањето на Палестина“, а САД се наведуваат како главен непријател. Меѓу најзначајните акции на Ал каеда годинава се нападот врз американска воена база во Кенија во јануари и нападот врз хотел во Могадишу, Сомалија минатиот месец. Лидерот Ал Завахири имаше само едно појавување годинава, преку видеоснимка објавена во мај, откако еден месец претходно поддржувачите на Исламската држава шпекулираа дека е мртов или онеспособен поради здравствени проблеми.

Повеќе централни фигури од командата на Ал каеда беа убиени во авганистанско-пакистанскиот регион или во воздушните удари во Сирија. Мировниот договор помеѓу САД и талибанците потпишан во февруари би можел да го отежне присуството на Ал каеда во регионот.

Во меѓувреме Ал каеда се обидува да ја искористи светската здравствена криза и расните протести во САД за да придобие поддршка со антиамериканската реторика. Но тешко е да се очекува дека пораката од групата одговорна за најголемиот терористички напад на американско тло ќе допре до тамошната јавност, заклучува Би-би-си.