Силната експлозија во иранскиот нуклеарен објект што се случи минатата недела веројатно претставува саботажа, истакнаа разузнавачите и експертите за оружје, но аналитичарите имаат поделени мислења околу обемот на претрпената штета за иранската нуклеарна програма, пренесува „Вашингтон пост“.

Сателитските фотографии покажуваат вдлабнатина во големата индустриска зграда. Зградата која се наоѓа во рамките на комплексот „Натанц“ беше потресена во четвртокот од страна на мистериозна експлозија, за која иранските власти признаа оти предизвикала значителна штета.

Портпарол на иранската Агенција за нуклеарна енергија кажа дека државните безбедносни служби ја знаат причината за експлозијата, но оти засега нема да соопштат детали, поради „безбедносни причини“. Други ирански официјални лица, јавно сугерираа дека виновни се оперативци на САД или на Израел, иако и двете држави негираа вмешаност во инцидентот.

Лице од безбедносните служби на Блискиот Исток во интервју истакна дека штетата е предизвикана од „голема експлозивна направа“ подметната од израелски оперативци со цел за „испраќање на сигнал“ за Техеран. Тој инсистираше да остане анонимен поради осетливата природа на разузнавањето.

Други аналитичари и нуклеарни експерти исто така кажаа дека доказите упатуваат кон детонирана бомба во објектот.

– Наједноставното објаснување е дека се случила експлозија во зградата. Тешко е да се замисли дека ова е несреќа – истакна Џефри Луис професор и експерт за оружје од институтот за меѓународни студии „Мидлбури“ во Калифорнија, САД.

Анонимниот безбедносен експерт смета дека експлозијата била „повик за будење“, наменет за одвраќање на Иран по напредокот во државната нуклеарна програма во изминатите неколку месеци, како и дека сторителите имале познавања на објектот.

Аналитичарите имаат различни ставови околу причинетата штета. Дел од експертите тврдат дека на Иран ќе му бидат потребни повеќе месеци за обнова на објетот, што ќе предизвика и застој во работата, а други пак, дека експлозијата нема да има голем ефект.