Високореактивната хемикалија амониум нитрат се спомнува како можна причина за  вчерашната експлозија во Бејрут, во која загинаа над 70 лица, а 4.000 се повредени, пренесува „Гардијан“.

Премиерот на Либан, Хасан Диаб, изјави дека 2.700 тони амониум нитрат биле небезбедно складирани во магацин на пристаништето шест години, а биле донесени донесени со брод во 2014 година. Досега се уште не се знае што ја предизвикало хемикалијата да се запали. 

Амониум нитрат е честа индустриска хемикалија која се користи главно за ѓубриво, бидејќи е добар извор на азот за растенијата. Но, исто така, таа е една од главните компоненти за производство на рударски експлозиви.

– Амониум нитратот не е експлозивен сам по себе, туку е оксидационен агенс, и затоа го прави многу поинтензивен – вели Габриел да Силва, професор по хемиски инженеринг на Универзитетот во Мелбурн. 

Според Да Силва, тој се пали само под соодветни околности, што е многу тешко да се постигне.

– Потребни ви се екстремни околности за да предизвикате експлозија. Иако амониум нитратот всушност може да изгасне пожар, ако самата хемикалија е измешана, на пример, со нафта, станува високо експлозивна. Мислам дека тоа е она што се случило во Бејрут – рече Да Силва.

Слични експлозии предизвикани од амониум нитрат се случија во Тексас во 1947 година, како и во кинескиот град Тјенцин. Пожарникарите кои се упатиле на местото на настанот, наводно, се обиделе да го изгаснат пожарот, што само довело до ненамерно влошување на ситуацијата поради присуство на опасни запаливи хемикалии. И тогаш, како и сега во Либан, сведоците снимија апокалиптични, речиси надреални снимки.