Словенечката амбасада во Загреб на својата фејсбук-страница објави интересни податоци по повод 15-годишнината од влезот на Словенија во Европската Унија. Преку презентираните бројки може да се забележи дека Словенија профитирала на многу различни полиња по влезот во Унијата, пренесува хрватски „Индекс“.

Според објавата, бројот на жители на Словенија во изминатите 15 години се зголемил од 1.997.004 на 2.070.050 жители. Просечниот животен век на мажите во 2004 година бил 73,48 години, а денес е 78,05 години, додека кај жените тогаш бил 81,08, а сега е 83,66 години. Бројката на деца во претшколското образование пак, од 61,4 отсто се искачи на 80,4 отсто.

Дополнително, бројот на стартап-компании во 2004 година бил 9.106, додека во 2019 година тој се искачил на 18.631. Словенците од влезот од ЕУ ги зголемиле и средствата кои ги издвојуваат од бруто домашниот производ за животната средина (од 0,91 на 1,24 отсто), настаните во институциите во културата (од 12.400 на 22.025 настани), како и бројот на нивни посетители од 2,6 милиони на 4,35 милиони посетители.

Значително се зголемил и словенечкиот БДП по глава на жител во изминатите 15 години, од 13.900 евра на 22.182 евра, додека просечната нето плата скокнала од 700 на 1.100 евра.

Накратко, во 15 години членство во ЕУ, Словенија стана побогата, економски подинамична и поуспешна, зголемени се настаните во културата, народот е еколошки освестен, а државата го зголемила животниот век на своето население и на децата им овозможила подобра грижа и образование.