Штетата предизвикана од катастрофалните поплави минатиот месец во Германија најверојатно ќе достигне 26 милијарди евра, изјави кандидатот за канцелар на конзервативците, Армин Лашет.

– Според првичните проценки, само во сојузната држава Северна Рајна-Вестфалија, вкупната штета се зголемува на повеќе од 13 милијарди евра – рече претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и премиер на провинцијата, која беше погодена од невидени поплави.

Катастрофалните поплави што ја погодија западна Германија на 14 и 15 јули однесоа најмалку 190 животи.

Во Северна Рајна-Вестфалија, повеќе од 150 училишта и 200 детски градинки, бројни лекарски ординации и 50 аптеки беа оштетени, рече Лашет, опишувајќи го обемот на најлошата природна катастрофа што ја погоди државата од основањето на федералната Западна Германија по Втората светска војна.