Барањата за исплата на осигурување за штетите од пожарите што лани во ноември ја зафатија американската сојузна држава Калифорнија достигнаа до 11,4 милијарди долари.

Повеќе од осум милијарди долари се однесуваат на штетата што пожарот во ноември ја нанесе на гратчето Передајс во северна Калифорнија, каде загинаа 86 лица, а беа уништени околу 15.000 домови.

Останатите три милијарди долари се однесуваат на штетата што во исто време беше направена во два пожара во јужна Калифорнија.

Државниот претставник за осигурување Рикардо Лара изјави дека очекува бројот на барања да расте, но не драматично.

Досега вкупната штета од пожарите во текот на минатата година изнесува околу 12,4 милијарди долари.

Во низата пожари што се случија во 2017 година во лозарското подрачје во северна Калифорнија и во делови на југот на државата, штетата достигна 11,8 милијарди долари.

Американските медиуми посочуваат дека на луѓето во тие области им е се потешко да добијат осигурување, иако Лара вели дека се уште не дошло до тоа сопственик на куќа да не може да ја осигура.