Еколошката катастрофа во близина на западниот брег на Шри Ланка се влошува, откако товарниот сингапурски брод „МВ Екс-Прес Перлсо“, кој пренесувал пластика и хемикалии пред 12 дена се запали и сега тоне. Властите се подготвуваат за можно протекување на нафтата од бродот, пренесува „Ал Џезира“.

Властите се бореа со пожарот откако контејнерите со запаливите хемиски супстанци паднаа и го запалија бродот, соопшти минатиот месец морнарицата на Шри Ланка.

Иако сè уште нема протекување на нафта, Управата за заштита на морската околина воспостави протоколи и подготви екипи во случај на излевање на нафта од бродот, кој има околу 350 тони нафта во резервоарите за гориво.

Тони пластични пелети стигнаа до брегот и морето богато со риба, предизвикувајќи една од најлошите еколошки катастрофи во последните неколку децении, велат експертите.

– Еден дел од бродот потона на морското дно и предизвика дополнителни проблеми кај екипите, кои не можат да го поместат бродот подалеку од крајбрежјето. Сè што можат да сторат сега е да се подготват за потенцијална катастрофа со излевањето – изјави Минел Фернандез во својот извештај од Коломбо.

Сингапурските оператори соопштија дека бродот продолжува полека да тоне откако вчерашните напори за негово повлекување подалеку од крајбрежјето беа неуспешни.

– Ова е огромна и невозможна титанска задача, а сите се во исчекување колку дополнително ќе се лошат работите – рече Фернандез.