Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неколку дена по избувнување на аферата со израелскиот софтвер што ги следел комуникациите на политичарите, бизнисмените и новинарите, во светот се чувствуваат негативни вибрации од скандалот, кои имаат потенцијал дури да „срушат“ и неколку влади во Европа, Азија и во Јужна Америка поради вмешаност на владејачките гарнитури

Се отплеткува клопчето за мегаскандалот насловен „Пегаз“

Само за неколку дена откако се објави аферата „Пегаз“, со која нелегално се прислушувале политичари, бизнисмени и новинари, во светската јавност постои страв дека се можни промени на власта во неколку држави во Европа, Азија и во Јужна Америка токму поради вмешаноста на актуелните политички гарнитури со сомнителната програма за следење. Според пишувањата на медиумите во моментов, темелите на владејачките гарнитури во Унгарија, Франција, Казахстан, Пакистан и други се на стаклени нозе, поради негативниот ефект во јавноста што го предизвикаа глобалните случувања. Имено, како што пишува РСЕ, размерите од истрагата за употребата на израелскиот шпионскиот софтвер „Пегаз“ се зголемија кога се покажа дека повеќе од десетина сегашни или поранешни светски лидери се наоѓале меѓу илјадниците потенцијални цели. Како што пишуваат медиумите, доказите од телефонските записи исто така укажуваат на тоа дека повеќе премиери и влади низ светот биле избирани на сомнителни недемократски начини, поради кои сега е можно неколку држави да се соочат со политички дестабилизации и протести, како резултат на објавените докази од прислушувањата.

Макрон меѓу прислушуваните?

Францускиот претседател, Емануел Макрон, казахстанскиот претседател, Касим-Зомарт Токаев, и претседателот на Пакистан, Имран Кан, се меѓу 14-те сегашни или поранешни шефови на држави што можеби биле цел на хакирање од страна на клиенти на израелската фирма за шпионирање, групацијата НСО, која ја има произведено алатката. Според „Амнести интернешнел“ и конзорциумот од 17 глобални медиумски организации што го истражуваат скандалот, на списокот биле и претседателите на Јужна Африка и на Ирак, Цирил Рамафоза и Салах Бахрам, како и кралот на Мароко, Мохамед Шести. Телефонските броеви на светските лидери од 2016 година се наоѓале на списокот од 50.000 броја за кои се верува дека биле идентификувани како луѓе од интерес од страна на клиентите на групацијата НСО. На листата има 189 новинари, повеќе од 600 политичари и владини службеници, како и неколку шефа на држави, пишува „Вашингтон пост“.
– „Пегаз“ е оружје што ги загрозува правата и слободите, правдата и владеењето на правото. Исто така е оружје што го користат владите за да следат поединци на територијата на друга држава – напиша шефицата на „Амнести интернешнел“, Агнес Каламар, на Твитер.

Осуди од сите страни

Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави дека е апсолутно неприфатливо властите или тајните служби да го користат израелскиот софтвер „Пегаз“ за шпионирање новинари или активисти на невладини организации.
– Проверуваме дали се случило тоа. Но ако е точно, тогаш е апсолутно неприфатливо и е спротивно на сите правила. Во ЕУ имаме слобода на медиумите и слобода на говор, а тоа е еден од столбовите на Унијата – истакна Фон дер Лејен на прес-конференција со чешкиот премиер Андреј Бабиш. Претседателката на ЕК реагираше на медиумските објави за скандалот во кои се вмешани некои влади и разузнавачки служби, меѓу нив и од ЕУ, конкретно спомнувајќи ја Унгарија. Официјална Будимпешта демантира дека го користела „Пегаз“ за шпионажа. За поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден, аферата „Пегаз“ е „настан на годината“.
– Владите мора да воведат глобален мораториум на трговијата со меѓународен шпионски софтвер или да се соочат со свет во кој ниту еден мобилен телефон не е безбеден од државно спонзорирани хакери – изјави Сноуден за „Гардијан“ по откритијата за клиентите на групацијата НСО.
Шпионирањето го осуди и портпаролот на француската влада, Габриел Атал, кој рече дека фактите се „крајно шокантни“ и „доколку се докаже дека се точни, тие се крајно сериозни“. Германскиот сојуз на новинари побара објаснувања и контрамерки за случувањата, јави германската новинска агенција ДПА.