Голем број меѓународни институции, медиуми и разузнавачки светски агенции предупредуваат дека во последно време информациите што се поврзани со синџирот на испорака на вакцината против опасниот вирус се цел на сајбер-шпионажа

Навидум симултано со промовирањето на вакцината против ковид-19, светските медиуми се преплавени со информации дека синџирот на испорака на вакцината против вирусот стана цел на сајбер-шпионажа. Според светските медиуми, технолошкиот гигант, американската компанија „Ај-би-ем“ веќе успеала да навлезе во трагата на хакерскиот напад чија цел бил синџирот за транспорт со кој новата вакцина против ковид-19 на „Фајзер“ и „Бионтек“ се складира и дистрибуира на температура од минус 70 Целзиусови степени. Идентитетот на напаѓачите засега е непознат, но од „Ај-би-ем“ велат дека нивните методи укажуваат оти станува збор за разузнавачка служба на некоја држава, а кампањата за шпионажа почнала во септември. Според британски „Би-би-си“, напаѓачите се претставиле како деловни директори од легитимна кинеска компанија што е вклучена во синџирот на снабдување, за да изгледа поверодостојно кога ќе се обидат да ги добијат потребните податоци за транспортот на вакцините.

Лажни е-адреси

Британскиот медиум во своето истражување на оваа тема вели станува збор за лажни мејлови испратени во шест земји, со кои ќе се придобијат податоци за вакцините, а биле насочени кон организациите поврзани со платформата за оптимизација на опремата за транспорт на „Гави“, меѓународниот сојуз за вакцини. Нејзини партнери се Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, Светската банка и фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, кои помагаат за дистрибуција на вакцините низ целиот свет.
– Купувањето и транспортот на вакцините се важен дел од животот и економијата и затоа претставуваат примамлива цел за извршување ваков сајбер-напад. Кампањата е откриена од безбедносен тим, кој бил основан на почетокот на пандемијата, со задача да ги пронаоѓа сите сајбер-закани поврзани со ковид-19 – наведува медиумот.
Според сознанијата на американската компанија „Ај-би-ем“, досегашната активност на хакерите се однесувала на собирање информации, наместо на нарушување на какво било истражување.
– Без јасен пат до исплата, сајбер-криминалците веројатно не би посветиле толку време и ресурси што се потребни за извршување една ваква операција – тврдат од „Ај-би-ем“.

Собирање разузнавачки материјал

Во меѓувреме, американската агенција за интернет-безбедност и инфраструктура (Циса) издаде предупредување со кое ги охрабрува организациите поврзани со складирање и транспорт на вакцината да бидат внимателни кога станува збор за ваквите сајбер-напади.
– Прецизирањето на целите и на природата организациите што станаа специфични цели укажува на активност на одредени држави. Без јасна насока за излез и наплата за својот труд, мали се шансите дека сајбер-криминалците ќе посветат време и ресурси што се потребни за да изведат таква пресметана операција – соопштија од американската агенција.
Инаку, во јули, Велика Британија предупреди дека руски разузнавачки служби нападнале истражување за нејзините вакцини против ковид-19 од универзитетот „Оксфорд“. Корпорацијата „Мајкрософт“ исто така соопшти дека биле забележани севернокорејски и руски хакерски напади насочени кон истражување на вакцините.


Новата вакцина ќе треба да се транспортира на многу ниски температури

Вакцината против ковид-19, според најавите, ќе се испраќа до целната држава во специјални пакети со сув мраз, во кои може да се складираат до 5.000 дози. Целната држава може да избере дали ќе ја чува вакцината во специјални ладни магацини до шест месеци на температура од 70 Целзиусови степени под нулата. Во неотворените пакети со сув мраз, вакцината може да се чува десет дена додека да пристигне во вакцинациските центри. Кога ќе биде испорачана, таа може да се чува до пет дена во ладилник, на температура меѓу два и осум Целзиусови степени, пишуваат светските медиуми.