Шпанската Влада соопшти дека ќе го прими бродот со 629 мигранти спасени од водите во близина на брегот на Либија.

– Наша должност е да помогнеме да се избегне хуманитарна катастрофа и да им се понуди безбеден престој на овие луѓе- се вели во соопштението од Кабинетот на шпанскиот премиер Педро Санчез.

Владата информира дека бродот „Аквариус“ ќе може да се вкотви во пристаништето во Валенсија.

Претходно, градоначалниците на шпанските градови Барселона и Валенсија се понудија да го примат во своите градски пристаништа бродот со 629 спасени мигранти, кои Италија и Малта одбија да ги примат.

Градоначалничката на каталонскиот главен град Ада Колау предложи градот да им пружи помош на бегалците и ги критикуваше Европејците. Според неа, кризата со бродот „Аквариус“ предизвика сомнежи во единството на Европската унија.

– Должност на една демократска влада е да не го врти погледот при хуманитарна криза- изјави таа.

Колау ја повика и новата шпанска Влада да ја смени политиката за мигрантите, која ја воспостави претходната конзервативна власт.

Лекарите на бродот кои се заедно со мигрантите, меѓу кои има бремени жени и малолетници без придружба, предупредија дека храна има само уште за денеска.

Марко Бертото, од хуманитарната организација Лекари без граници, за италијанската државна телевизија изјави дека некои од спасените мигранти имаат вода во белите дробови откако паднале во морето од чамците на шверцерите, други имаат изгореници од горивото и солена морска вода, а други страдаат од хипотермија.