Шпанија ќе формира централно оперативна команда, што ќе се занимава со миграцијата, соопшти шпанскиот премиер Педро Санчез.

Според него, новата институција ќе ги координира активностите на властите поврзани со илјадниците мигранти кои пристигнуваат секој месец во земјата. Санчез рече дека неговата влада преговара со Мароко, од каде шверцери транспортираат мигранти во Средоземното Море. Преговори се водат и со властите на африканските држави, од каде потекнуваат луѓето кои бараат подобар живот во Европа.

Според податоците на агенцијата на ОН за миграција во првите пет месеци од оваа година во шпански територијални води биле спасени 8.150 мигранти. Но од крајот на мај досега, бројот на спасените во море е близу 15 илјади лица, или во просек по 240 лица дневно. Со тоа Шпанија, ја надмина Италија како главна цел на оние мигранти кои по морски пат се обидуваат да стасаат до Европа.