Најмалку 6.000 мигранти пристигнаа во шпанската африканска енклава Сеута од соседно Мароко, што е рекорден број за еден ден, соопштија денеска шпанските власти.

Тие наведоа дека мигрантите, меѓу кои има околу 1.500 малолетни лица, пливале околу граничните огради или оделе во време кога имало мала плима. Повеќето се од Мароко. Според Би-би-си, шпанските власти веќе вратиле околу 2.700 мигранти назад, но не и малолетници.

Шпанските енклави Сеута и Мелила станаа магнет за африканските мигранти. Шпанските трупи се распоредени на крајбрежјето за да ѝ помогнат на граничната полиција во Тарахал, главната влезна точка на Сеута, на јужната страна од енклавата. Министерот за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Мараласка, рече дека 200 војници, заедно со дополнителни 200 припадници на полицијата, ќе им помогнат на граничните сили на Сеута. Енклавата има околу 80.000 лица. Мароканските безбедносни сили во соседниот град Фнидек истрелаа солзавец за да ја растераат масата мигранти во близина на граничната ограда, пренесоа светските агенции.

Шпанскиот премиер, Педро Санчез, го откажа планираното патување во Париз, каде што требаше да присуствува на самитот предводен од Франција за финансиска помош за Африка и, наместо тоа, се фокусира на кризата во Сеута ветувајќи максимална строгост во враќањето на нормалната состојба во енклавата.

Шпанските медиуми јавуваат дека ситуацијата била поинаква во Сеута, каде што мароканските граничари стоеле набљудувајќи ги мигрантите што се обидувале да влезат во енклавата преку морето. Како што се наведува, повеќето мигранти биле мажи, но имало и неколку семејства. Многу од нив користеа појаси за спасување и мали гумени елеци што не се потопуваат. Тие почнаа да пристигнуваат во Сеута во понеделникот по полноќ, но бројот се зголеми во текот на денот. Најмалку едно лице загина при преминување на границата.

Новиот прилив на мигранти доаѓа во време на напнати односи меѓу Мароко и Шпанија.