Шпанија нема да го поддржи нацрт-договорот меѓу Лондон и ЕУ за Брегзит ако текстот за спорната британска територија Гибралтар не се промени, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез.

– До денес, ако нема промени во врска со Гибралтар, Шпанија нема да го поддржи договорот за Брегзит – рече Санчез на конференција во Мадрид, во организација на списанието „Економист“.

Малиот полуостров во јужна Шпанија, кој од 1713 година е британска територија, е едно од најспорните прашања во британско-шпанските односи. Шпанија одамна има територијални претензии кон него.

Шпанскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел вчера изјави дека Мадрид сака во договорот за напуштање на Велика Британија јасно да се каже дека преговорите за односите меѓу Лондон и Унијата нема да се однесуваат на Гибралтар.

Гибралтар треба да ја напушти ЕУ заедно со Велика Британија во март, и покрај тоа што 96 проценти од неговото население гласаше за останување во Унијата.